Директорка во МОН блиска до Зеав е одговорна за срамот со учебниците по математика

  • Реакција на Политичката Партија Левица

Последниот скандал со срамната математичка грешка повторно го разоткри неспособното работење на ПЕДАГОШКАТА служба при МОН, Секторот за учебници и педагошко советување и Оделението за одобрување на учебници.

Педагошката служба при МОН е претворено во дувло на најматни зделки со учебниците, за кои МОН издвојува милиони евра народни пари за откуп на ракописи за учебници, нивна техничка обработка и печатење.

Оваа служба ја раководи директор избран директно од Владата, што само по себе укажува на партиската конотација на ова многу важно работно место.

На почетокот на годинава, втор мандат од Владата доби досегашната директорка на Педагошката служба во МОН, Вања Изова-ВЕЛЕВА од Струмица, партиски човек и семеен пријател на Зоран Заев, која беше и директорка на струмичката гимназија во текот на неговиот мандат како градоначалник. Под неа е Раководителката на Секторот за учебници, која раководи сo цели две одделенија – едното за оодбрување на учебници, а другото за издавање и набавка- Хикмете СЕЛМАНИ.

Ова се само мал дел од пропустите на Педагошката служба на чело со Велева:

– распишан Конкурс во 2020 година за одобрување учебници по англиски јазик во деветгодишно образование, што воопшто не се реализира и резултираше со катастрофална веќе четврта учебна година без учебници по овој предмет;

– Конкурс во првиот квартал на 2023 година за избор на учебник за предметот Природни науки за 6-то одделение, со необјасниво продолжување на рокот пред самиот истек, што укажува на инсајдерски подесувања за да се удоволи на фаворизирани автори;

– Скандалозен тековен Конкурс за издавање учебници за 7-мо одделение, за кој сè уште не се објавени новите наставни програми на веб-страната на Бирото за развој на образованието, а кои програми авторите мора да ги следат за да аплицираат на конкурсот.

Милиони евра народни пари се издвојуваат за учебници, a нашите деца и наставниците добиваат учебници со катастрофални грешки, и покрај бирократските организациски структури (преполни со директори, раководители, советници) кои потпишуваат срамни решенија, и покрај правилниците и процедури кои барем на хартија треба да обезбедат квалитет и отчет за потрошените јавни пари – а не партиски договарања за избор на нивните фирми и автори!