Нелегалниот попис создаде дополнителни проблеми при државните вработувања

  • Реакција на политичката партија Левица

Министерството за информатичко општество и администрација ја презентираше новата верзија на веб алатката,преку која електронски се врши распределбата на планираните нови вработувања, согласно соодветната и правична застапеност.

Како основ при подготовка на Годишните планови и електронска распределба на бројот на планираните нови вработувања по припадност на заедница за 2022 година треба да бидат земени податоците од последно спроведениот попис на населението во Република Македонија, спроведен во 2021.

Меѓутоа, според методологијата која сам си ја усогласил Министерот за информатичко општество и администрација, АДМИРИМ АЛИТИ, а која е спротивна на Законот за вработените во јавниот сектор, отсега во државните институции ќе се вработуваат 31,54% Албанци, наместо 24,3%, бројка утврдена со пописот спроведен во 2021 година.

Иако, во соопштението на официјалната веб страна на Министерството е наведено дека, цит: – “Имајќи ја предвид поврзаноста на резултатите од спроведениот попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година со одредбите од Законот за вработените во јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација Ве известува дека е направена промена во веб алатката „балансер“ согласно резултатите од спроведениот попис во 2021 година”, тоа не е така.

Според најновата верзија на балансерот од 18.08.2022 г. во државната администрација ќе се вработуваат 7.24% повеќе Албанци од процентот утврден со пописот!

Иако голем дел од „рамковните вработувања“ се пополнети работни места од луѓе кои земаат плата без да одат на работа, што претставуваат голем товар за буџетот, ДУИ продолжува преку овие вработувања да си обезбедува стабилно гласачко тело.

Согласно ваквата политика, Македонија стана држава која, под сенка на етничката припадност, отворено ги дискриминира и дестимулира квалитетните кадри кои можат да придонесат за унапредување на ефикасноста на државните институции, што создава нефункционален државен систем.

Давањето предност при вработувањето во државните институции согласно етничката припадност на работникот, утврдена со своеволно усогласената методологија на Министерот, е спротивно на Законот за вработените во јавнот сектор.

Со ваквото пречекорување на границите на своето службено овластување, применувајќи своја, односно незаконска методологија наспроти законски утврдената, Министерот ја злоупотребува својата положба, дело за кое треба да подлежи и на кривична одговорност.