АктуелноИнтернационално

Мали се ослободи од војската на поранешниот колонијален владетел – Франција

Последната воена единица на француската армија го напушти Мали во понеделникот, се вели во соопштението на француската војска, девет години откако Париз испрати војници во западноафриканската држава.

„Денеска во 13 часот по париско време, последниот контингент на силите Бархане, што се’ уште е на територијата на Мали, ја премина границата меѓу Мали и Нигер“.

Француските вооружени сили го завршија повлекувањето од Мали шест месеци откако францускиот претседател Емануел Макрон го објави својот план за повлекување од земјата, по тензиите со Владата на Мали. Кога францускиот претседател го најави повлекувањето, Франција имаше околу 4.300 војници во регионот Сахел, вклучително и 2.400 во Мали.

По овој потег на Макрон и европските лидери најавија дека воената група предводена од ЕУ, позната под името Такуба, ќе се повлече од оваа западноафриканска земја.

На ова повлекување на поранешниот колонијален владетел во земјата му претходеа бројни протести, по што Мали го раскинува договорот за одбрана со Франција. Тие сметаат дека француските воени трупи кои се во нивната земја, преку овој договор вршат „флагрантно кршење“ на националниот суверенитет на земјата.

Договорите што ги прекина Мали беа оние што ја поставија рамката за интервенцијата на Франција во Мали во 2014 година. Тие беа потпишани една година откако француските трупи распоредија големи сили за да им помогнат на вооружените сили на Мали да ја запрат офанзивата на џихадистите. Но, наместо операцијата да заврши, по што ќе следат избори и ќе биде поставена легитимна цивилна Влада, Франција продолжи да управува со земјата злоупотребувајќи го доверениот воен режим.