Мали го раскинува договорот за одбрана со поранешниот колонијален владетел Франција

Владата на Мали во понеделникот објави дека го раскинува договорот за одбрана со поранешниот колонијален владетел Франција. Тие сметаат дека француските воени трупи кои се во нивната земја, преку овој договор вршат „флагрантно кршење“ на националниот суверенитет на земјата.

„Владата на Република Мали веќе некое време со жалење го забележува драматичното влошување на односите на полето на воената соработка со Франција“, изјави портпаролот полковник Абдулае Маига.

Маига наведе неколку случаи во кои француските сили го нарушиле воздушниот простор на земјата. Тој се осврна на одлуката на Франција од јуни 2021 година да ги прекине заедничките операции со силите на Мали. Тој ја спомена и одлуката на Франција донесена во февруари да ги повлече своите војници од Мали. Властите на Мали соопштија дека го информирале Париз за одлуката во понеделникот попладне.

Франција засега не излезе со официјална реакција на изјавата на хунтата. Тензиите меѓу Франција и воената хунта во Мали, која ја презеде власта во август 2020 година, расте веќе некое време.

Договорите што ги прекина Мали беа оние што ја поставија рамката за интервенцијата на Франција во Мали во 2014 година. Тие беа потпишани една година откако француските трупи распоредија големи сили за да им помогнат на вооружените сили на Мали да ја запрат офанзивата на џихадистите.

Односите на Франција со Мали се заладија бидејќи воената хунта се спротивстави на меѓународниот притисок да постави краен рок за брзо враќање на цивилните власти на чело. Војската првично вети дека ќе го врати цивилното владеење, но не успеа да ја исполни претходната обврска на западноафриканскиот блок ЕКОВАС за одржување избори во февруари оваа година, што доведе до регионални санкции.

Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш во неделата повика на брзо враќање на цивилното владеење во Мали, Гвинеја и Буркина Фасо, кои во моментов се управувани од воени режими.

Судирите меѓу владините сили и џихадистите резултираа со илјадници воени и цивилни жртви, а стотици илјади луѓе беа принудени да ги напуштат своите домови.