Затајуваат ли институциите на системот пред семејното насилство во Република Македонија?

  • Реакција на Левица – Социјален сектор

Семејното насилство има повеќе форми. Може да се јави како физичко, психичко, сексуално, финансиско и како најтешка форма – фемицид.
Фемицидот претставува родово базирана форма на насилство врз жени и е најсериозната форма која завршува со смрт на жената и е насилство, односно убиство на жена само затоа што е жена. Повеќе од 75 отсто од жените што се убиени, независно од тоа колкава е бројката на годишно ниво, се убиени од интимниот партнер, поранешен или сегашен.

Според статистиките, секоја трета жена во Македонија е жртва на некој облик на семејно насилство. Дел од жените жртви на насилство често го пријавуваат насилството пред надлежните институции и тие постапуваат најчесто со забрана за пристап на одреден период и тука завршува случајот. Но, напаѓачите не ги заплашува забраната за пристап и тие во 99% од случаите го повторуваат насилството. Останатиот дел од жртвите воопшто не го пријавуваат насилството,бидејќи знаат дека повторно ќе бидат малтретирани, уценувани и угнетувани а има и шанси насилството да заврши со убиство.

Прашање е зошто институциите не си ја вршат својата работа и не ги заштитат жените кои се жртви на насилство да излезат од насилното опкружување.
Наместо тоа, институциите со непреземање на потребни законски мерки во најкус можен рок и преземање заштитни мерки за оттргнување на жртвата од насилникот во таканареченa “safe house” , само ја продлабочуваат агонијата во која се наоѓаат жртвите и притоа ги ставаат во уште поголем ризик за насилството да заврши фатално и најчесто со смрт на жртвата.

Убиството кое неодамна се случи во Велес од страна на жена жртва на насилство е пример како институциите не си ја вршат својата работа. Во конкретниот случај, обвинетата беше ослободена од обвинението со образложение дека користела нужна одбрана.

Согласно Кривичниот законик нужна е одбраната која е неопходна за да се отстрани истовремен противправен напад спрема сторителот или друго лице. Но, ваква пресуда каде обвинетата се ослободува од обвинение е една од малкуте или можеби единствена пресуда од страна на Кривичниот суд од неговото постоење. Останатите се неповолни за обвинетите.
Тука се гледа неспособноста на институциите правовремено, сериозно и стручно да пристапат кон пријавите од страна на жените жртви на семејно насилство. Со несоодветен институционален систем бројот на жртвите се зголемува и истите нема кому да му се обратат за помош затоа што државата ги изневерува.

Левица во својата програма се залага за организирана институционална помош, од страна на обучени професионалци, на лицата жртви на семејно насилство.