Ексклузивно – Денис Пушилин „Припадниците на Азов ги чека воен трибунал во Мариупол“

Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

За прв пат после Нинбершкиот процес Светот ќе биде сведок на нов голем таков процес, односно воен трибунал против припадниците на националистичкиот баталјон Азов. Во Мариупол во тек се подготовките за воениот трибунал против припадниците на Азов, за странските платеници и за припадниците на украинската армија кои што извршиле воени злосторства на територијата на Донбас. Се очекува во воениот трибунал на векот да земат учество голем број на меѓународни експерти, и истиот да биде следен и пренесуван од голем број на новинари од целиот свет.

Како единствен новинар од Македонија, на 10-ти август бев дел од првата група странски новинари која што го посетила затворот со посебен режим Јеленовка во околината на Доњецк после ракетниот напад, кој што се случи на 29-ти јули. При ракетниот напад загинаа 51 воени затвореници и 142 беа ранети, најголем дел припадници на националистичкиот баталјон Азов. На територијата на затворот уште се видливи и се чувствуваат последиците од ракетниот напад на 29-ти јули, посебно во оделението каде што биле сместени дел од припадниците на Азов. Во панцири и шлемови, со телефони, камери и микрофони во рацете го посетивме тој дел од затворот. Ужасни и стравични сцени од разрушеното оделение, изгорени затворски кревети и инвентар, остатоци од изгорена облека, а во воздухот уште се чувствува мирисот на смртта и на ужасот кој што овде владеел после ракетниот напад.

Доњецката Народна Република и Русија за нападот ја обвинуваат Украина, и пред светската јавност ги покажуваат остатоци од ракетите од артилерискиот реактивен систем HIMARS кои што биле користени за нападот, додека пак Украина тврди дека Доњецката Народна Република и Русија спровеле диверзија. Русија и Доњецката Народна Република ги повикуваат претставниците на ООН, Црвениот Крст како и на другите Меѓународни институции да го посетат затворот Јеленовка и да утврдат кој е виновникот.

На територијата на затворот Јеленовка, ние новинарите имавме средба со лидерот на Доњецката Народна Република Денис Пушилин. Пушилин даде неколку интересни изјави, поврзани со ракетниот напад на затворот, за престојниот воен трибунал во Мариупол, за воената ситуација на територијата на Донбас и за референдумот за присоединување кон Русија.

„Во фаза на подготовка е воен трибунал во Мариупол против воените злосторници од Азов, нацисти и странски платеници. Трибуналот ќе се одржува со максимална транспарентност. Доњецката Народна Република е заинтересирана во текот на воениот трибунал да ги изведе пред лицето на правдата сите воени злосторници. Многу е важно светската заедница, барем во одреден дел, да ја разбере вистината за конфликтот што моментално се случува, вклучително и на територијата на Донбас“, изјави Денис Пушилин.

Коментирајќи го ракетниот напад на затворот Јеленовка, Пушилин рече дека заробените припадници на Азов, кои биле во тој дел од затворот во моментот на нападот, биле убиени од страна на Вооружените сили на Украина, се со цел да бидат замолчени, бидејќи дел од нив започнале да ја кажуваат вистината која што е „незгодна за Киев“.

„Тие не најдоа ништо подобро од едноставно уништување на некои од припадниците на Азов и едноставно заплашување на преостанати, не давајќи им можност да зборуваат и да раскажат за злосторствата што ги извршиле по наредба на повисокото раководство од Киев“ – Денис Пушилин.

Во врска со истрагата за ракетниот напад и за тоа кој е виновен, Пушилин изјави „Има некои движења од страна на генералниот секретар на ОН Гутереш дека треба да се создаде мисија за да се испита што навистина се случило. Во тек е формирањето на оваа мисија, но дали ОН ќе може да испрати полноправна мисија овде за да можат да ги снимаат злосторствата на украинскиот режим, не знам. Но, барем беа дадени такви изјави, што во принцип е веќе до одреден степен дури и невообичаено, обично тие ги затвораат очите“ – Денис Пушилин.

Претходно генералниот секретар на ОН Гутереш рече дека ќе иницира мисија за проверка на фактите за нападот на Јеленовка. Според него, се подготвуваат задачи во рамките на оваа мисија и потрагата по компетентни и независни специјалисти кои би можеле да учествуваат во неа. Дополнително, Дмитриј Полјански, првиот заменик постојан претставник на Русија во ОН, извести дека мисијата на ОН за истражување на гранатирањето во Јеленовка е во фаза на дефинирање на задачите.

Денис Пушилин даде своја изјава и за воената состојба во републиката. „До денешниот ден ослободени се 266 населени места, односно повеќе од 50% од територијата на Доњецката Народна Република. Како резултат на украинските утврдувања изградени во текот на последните осум години, физички е невозможно брзо напредување на нашата армија. Но ние напредуваме, и во моментов северниот фронт е приоритет. Кога ќе завршиме со ослободувањето на целата територија на републиката, тогаш можеме да спроведеме референдум за приклучување кон Русија. Како резултат на постојаното гранатирање на Доњецк и намерното гранатирање на станиците за вода и пумпните станици, во Доњецк вода има само еднаш во два-три дена. Населените места на републиката се цел на секојдневно гранатирање од страна на украинската армија, која што користи и расфрла противпешадиски мини-„ливчиња“ (забранети по неколку меѓународни конвенции) по станбените делови на нашите населени места. Повеќе од 30 цивили се ранети, меѓу кои што и деца. Впрочем, расфрлањето на овие противпешадиски мини нема никаква воена цел. Но, тие се сериозна закана по животот на цивилното население, вклучувајќи ги и децата“ –Денис Пушилин.

После завршувањето на посетата на затворот Јеленовка се упативме во Мариупол. Но за тоа повеќе во наредната статија.