Македонија е забрането име за невладини организации
Охридското здружение за афирмација на културните вредности на македонските Бугари, кое го носи името на цар Борис III, негативна историска личност од времето на фашизмот, нема добиено согласност од министерството за правда за да биде реагистрирано со вакво име.
– „До Министерството за правда не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението ,,Цар Борис Трети”, потврдуваат од правда.
Според, официјалните информации од Централниот регистар Здружението е формирано во ноември 2021 година и е активно, односно има легален статус. Оттаму велат дека запазени биле сите законски услови за регистрација на „Цар Борис III, иако се работи за спорно име.
Од Централен регистар се повикуваат на Законот за трговските друштва, во кој стои дека во фирмата може да се внесе име и презиме на историска и друга позната личност само со согласност на личноста или, ако е почината, со согласност на нејзините сродници до трет степен во права линија, а доколку такви не постојат, согласност дава Министерството за правда.
– „Согласност од Министерство за правда не е доставено како прилог кон пријавата за упис, од причина што подносителот на истата доставил прилог доказ согласно член 49 став 2 од Законот за трговски друштва , а во врска со 8 од Законот за здруженија и фондации, имено доставил согласност од сродник за внесување на името ЦАР БОРИС III во името на Здружението“, појаснуваат од Централен.
Сепак, нема објаснување кој роднина на цар Борис им дал изјава на основачите на охридското здружение.
Од друга страна, се отвара дилемата како државата нема правна можност да не регистрира или пак, да укине Здружение кое носи име на личност за која историската наука нема дилема дека била од фашистичкото минато на Бугарија, и која е одговорна за депоратацијата на македонските Евреи во Треблинка.
Имено, антифашистичката определба на Македонија е дел од Уставот на државата и е во основата на нејзината државност.
Здружението „Цар Борис III“ вчера беше причина за остра реакција од Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија. Тие реагираа дека се навредени и ја повикаа државата да изготви правна рамка со која ќе се спречи регистрацијата на здруженија кои носат имиња на негативни историски личности од времето на фашизмот.