Советник на Левица пријавен во МНР од страна на бугарски државјанин поради Фејсбук објава против фашизмот

Виктор Стојанов, еден од водачите за бугаризација на Македонија и македонскиот народ како претседател на „Фондација Македонија” поднел пријава против Советникот на Левица од Богданци, Михаил Тодоров до Министерството за надворешни работи и Амбасадата на Бугарија во Македонија, во која Стојанов вели дека е поради „заплашување на бугарските граѓани“, а со цел преку ЈО на Република Македонија да се отпочне постапката за цензура како и да се поднесе кривична пријава!

Повторно ли ќе нѐ затвораат поради М А К Е Д О Н С Т В У В А Њ Е?! – стои во Фејсбук објавата на Тодоров.

Основата за оваа пријава му е Фејсбук објавата која советникот Михаил Тодоров ја напиша на својот профил пред дваесеттина денови, кога го изнесе своето лично мислење и противење за отворање на уште еден бугарски клуб во Македонија (во Богданци) кој би носел име на лик од историјата кој се залагал за присоединување на Македонија кон бугарската држава и реализација на санстефанскиот идеал – ,,Цар Фердинанд”.
Имено, во тој пост Тодоров меѓу другото напиша:

,,Сѐ што е фашистичко, ќе гори.”

Во пријавата која ја поднел бугарскиот државјанин Виктор Стојанов и пробугарски активист во Македонија за „еден народ – две држави“, овој коментар на Тодоров го смета за закана и бара реакција од македонското МНР.

Останувам на ставот ,,Смрт на фашизмот, слобода на народот,” – напиша повторно на својот профил советникот на Левица, Михаил Тодоров, како контра-реакција на Стојанов.

Во продолжение на својот вчерашен пост, Тодоров додава:

„Како прво, овој бугарски цар нема никаква допирна точка со историјата на мојата општина Богданци.
Оттаму сметам дека оваа провокација со цел – бугаризација на Македонија и Богданци треба да се спречи.

Методи за тоа има повеќе и во периодот што следи ќе ги соопштиме.

Народе мој, бугаризација пред очи ни се случува, но ние не смееме да дозволиме, тоа го должиме на нашите деца и нашите предци.

Да живее Богданци, да живее Македонија!

ПС. Ако треба и затварајте нѐ, ќе лежиме, ама фашизмот ќе умре.“ – завршува во објавата, Тодоров.