К. П. Мисирков: Како Македонец јас се чувствувам во Бугарија како во туѓина
Крсте Петков Мисирков, роден во Постол, Егејска Македонија, на 18 ноември 1874, починал во Софија, 26 јули 1926. Тој е македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво.
„Да се откажит чоек от својо народен јазик, значит, да се откажит он и од народнијот дух. Со тоа само се об.јаснуат сакајн’ето и усилијата на покорителите, да напраат покорените, да се откажат од својот јазик и да изучат на негоо место нивнијот; исто така со тоа се објаснуат упорството нa покорените народи да сочуваат сето своје дyxoвнo нapoднo наследство, а особито јазикот.“
Автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и личност на македонскиот XX век.
„Како Македонци ние ќе ѝ бидеме пополезни и на Македонија, и на Бугарија, и на Србија, изопшто на целото Јужно-Славјанство, отколку како Срби или Бугари.
Како Бугарин јас одамна би кажал: Каква ти Македонија, и тука ми e арно, нема да мислам веќе на она што е загубено.
Но како Македонец јас се чувствувам во Бугарија како во туѓина, каде што навистина се навоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома во својата татковина. Таа е таму каде што сум се родил и каде што треба да си ги оставам коските, каде што треба да појде мојот син ако не ми биде мене судено да појдам јас лично.
Сознанието и чувството дека сум Македонец треба да стоат повисоко од сѐ дpyгo на светот. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби.
Ние можеме да ја имаме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но се треба да биде оценувано од македонско гледиште.“
Најзначајно дело напишано од раката на Крсте Петков Мисирков е книгата „За македонцките работи“ објавена во Софија во 1903 година, а најзначаен дел е последната глава од книгата наречена „Неколку зборои за македонцкиіот литературен іазик“ во кој јасно дава предлог за оформување на литературен стандарден македонски јазик заснован врз централните говори.
Дигитализираната верзија на „Неколку зборои за македонцкиіот литературен іазик“ можете да ја најдете лесно достапна на Дигиталната библиотека на Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, во секое време, бесплатно да ја прочитате на овој линк.