Србија одржа дипломатска лекција за Бугарија на отворањето на конзулатот во Охрид

„Братски македонски народ“, „историја“, „македонски јазик“… Ова беа само дел од зборовите кои (во позитивен контекст) ги употреби шефот на српската дипломатија, Никола Селаковиќ, кој дојде до Охрид само за да отвори почесен конзулат. Го пречекаа и слушаа двајца домашни министри

Топлите пораки доаѓаат во период кога Бугарија и со унилатерална декларација потврди дека не го признава македонскиот јазик како нешто повеќе од дијалект на бугарскиот.

Српскиот министер за надворешни работи, Никола Селаковиќ, беше највисокиот гостин на делегацијата на северниот сосед која вчера беше дојдена во Охрид. Ништо „пониска“ не беше ниту македонската страна. За волја на вистината Селаковиќ не беше пречекан од својот колега, Бујар Османи, но затоа домаќини беа не еден тука двајца членови на македонската Влада, министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и министерот за правда Никола Тупанчевски. Во делегациите имаше и стопанственици и дипломати.

Србија и Македонија пратија неколку министри за отворањето на почесен конзулат – 86-ти за Србија во светски рамки.

Зошто српски конзулат во Охрид? Новинарите кои го следеа настанот го пренесоа одговорот на ова прашање – конзулатот ќе ги покривал териториите на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар и Центар Жупа, а според шефот на српската дипломатија, тој ќе овозможи унапредување на соработката меѓу Република Србија и Република Македонија.

„Тоа што денес го правиме еден ден ќе биде историја, а на тоа што е историја не можеме да влијаеме, но на ова што го работиме денес ние и тоа како влијаеме и така ја создаваме историјата. Ќе се бориме таа историја да биде проткаена со мир, стабилност, толеранција и пријателски односи“, нагласи Селаковиќ.

Во Македонија деновиве многу се зборува за историја и тоа во негативен контекст, но за друг сосед – Бугарија. За да нема забуни каква порака сакаше да испати Селаковиќ со делот за „историјата“, послужи неговиот одговор на прашањата за македонскиот јазик, па и директно за спорот за Бугарија. Покажуваме почит кон македонскиот јазик, култура и кон братскиот македонски народ со отворањето на конзулатот, кажа Селаковиќ.

„Нема култура без јазик. Минатата година Македонија ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во знак на почитување кон тој голем јубилеј кој е значаен за братскиот македонски народ. Во знак на почит кон моите пријатели – домаќини од Република Северна Македонија, охриѓанките и охриѓаните јас вчера се обратив на македонски јазик и знам колку е тоа убаво кога некој ќе ви дојде на гости од друга земја и на тој начин покаже почит. Но, со тоа покажувам дека не само што ги почитувам домаќините, туку и македонскиот јазик и македонската култура, која тој јазик ја изнедри. Во таа смисла и како Република Србија и како Србин кој има многу пријатели, кумови, соработници кои се по потекло од Македонија, кои се Македонци  јас сум горд на тоа наше пријателство. Всушност, ценејќи ја и уважувајќи ја културата дојдов овде не само да го отворам нашиот Конзулат, туку и да покажам почит спрема своите домаќини“, изјави Селаковиќ.

Негова задача, додаде Селаковиќ, е врз основа на насоките на надворешна политика на Белград, на претседателот Александар Вучиќ и Владата на Србија, да ги зајакнува добрососедските односи со соседите.

„Наш сосед е и Бугарија, наш сосед е и Република Северна Македонија. Секој го избира својот пат. Србија го избра патот на јакнење на заедништвото, јакнење на соработката, јакнење на што поголема економска соработка. Овде денеска беше присутен и претседателот на Комората на Србија и Србија ќе продолжи да го прави тоа. Ние се грижиме за нашите проблеми, си ја тераме нашата работа, а другите нека си ги вршат своите работи“, изјави Селаковиќ.

Очекувано, топли беа зборовите и на домаќините. Министерката за култура Костадиновска Стојчевска зборуваше за „обединување на потенцијали“ и „заеднички интереси“.

„Светла иднина нашите две држави имаат и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ каде што имаме можности за заедничка соработка. Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали.

Србија влезе во процес на зближување со Македонија во период кога тоа сака да го направи и Бугарија. Но, за разлика од Белград, Софија не само што не успеа да привлече симпатии, туку создаде недоверба и презир и таму каде ги немаше.

Источниот сосед остана на тврдата позиција да достави унилатерална декларација при отворањето на процесот на пристапни преговори на земјава со ЕУ, со која уште еднаш повтори дека не го признава македонскиот јазик, освен како дијалект на бугарскиот јазик. Нема видливи промени и на веќе познатите ставови на бугарскиот парламент за македонскиот идентитет, кои се неприфатливи за земјава.

Впрочем, не треба многу да се анализира туку да се погледне како помина последната посета на бугарски функционери кои дојдоа да отворат нешто во земјава. Кога бугарскиот премиер Кирил Петков дојде во Битола за да го отвора клубот на здружението „Ванчо Михајлов“, заедно со потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, ги пречека само полицијата. Им ја обезбеди рутата, им ја гарантираше безбедноста и ги испрати назад до граница. Во Битола не само што не им укажа чест премиерот, министри или било какви функционери, туку напротив, промоцијата на контрверзната историска личност наиде на осуда и од народот и од опозицијата.

И тоа отворање, несоменено, влезе во историјата. За Македонија, настан кој оставил горчив вкус. Сосема спротивно ќе се памети она што Србија го направи вчера среде Охрид.

Преземено од 360stepeni.mk