Британските специјалци (САС) ладнокрвно убивале невино авганистанско население

Припадници на специјалните воздухопловни сили (САС) на Британската армија, во повеќе наврати убивале притвореници и невооружени мажи во сомнителни околности, се открива во новинарско истражување на британскиот јавен сервис Би-би-си.

Документи до кои неодамна дошле новинари на Би-би-си покажуваат дека група на војници која припаѓа на специјалните воздухопловни сили (САС) на Британската армија незаконски убила 54 луѓе при нивната шестмесечна ротација. Британскиот јавен сервис нашол докази кои сугерираат дека поранешниот шеф на специјалните сили не се одзвал на барање за докази при предистрагата за убиство.

Според Би-би-си, генералот Марк Карлетон-Смит, кој е поранешен шеф на британските специјални сили, бил брифиран за незаконските убиства но не ги проследил доказите до Воената полиција, дури и откако Воената полиција почнала истрага за убиствата на групата специјалци од САС. Генералот одбил да даде изјава за Би-би-си.

Британското министерство за одбрана вели дека британските војници „служеа со храброст и професионализам во Авганистан“.

Факсимил од тајна порака (7 април 2011 година) до директорот на Специјалните сили, фото: Би-би-си.

Сознанијата на Би-би-си се производ на анализа на стотици страници оперативни извештаи на САС, вклучувајќи и изештаи од неколку десетици „зароби или убиј“ упади во провинцијата Хелманд во 2010/11 година. Поединци кои служеле во конкретната група на војници на САС за Би-би-си изјавиле дека биле сведоци како нивни колеги убивале невооружени луѓе при ноќни упади. Сведоци тврдат и дека одредени оперативци користеле т.н. „оружје за оставање“, односно пушки АК-47 (Калашњиков) кои биле подметнувани за да се оправдаат убиствата на невооружени лица.

Како пример, Би-би-си објавува фрагменти од извештаи на една од проблематичните единици. Во нив јасно се гледа „шема“ на рапортирање дека Авганистанец/ци биле убиени затоа што посегнале кон АК-47 пушка или рачна бомба од зад завеса или парче мебел и тоа откако биле заробени/обезбедени.

– 29 ноември 2010, тимот убил човек кој бил заробен и внесен внатре во објект, каде тој „се обидел да фрли рачна бомба на војниците“

– 15 јануари 2011, тимот убил човек кој бил заробен и внесен внатре во објект, каде тој „посегнал под душек, извадил рачна граната и се обидел да ја фрли“,

– 7 февруари, тимот убил заробеник за кој изјавиле дека „се обидел да пука кон патролата со пушка“. Истото објаснување е дадено и за фатално пукање врз заробеници и на 9 и 13 февруари.

– 16 февруари, тимот убил двајца заробеници, откако едниот извадил граната „од зад завесите“ а другиот „земал АК-47 од зад една масичка“.

– 1 април, тимот убил двајца заробеници кои биле внесени внатре во објект откако едниот „кренал АК-47“ а другиот „се обидел да фрли граната“.

За време на шестмесечната ротација, оваа група на специјалци убила троцифрен број на луѓе. Од друга страна, не пријавиле ниту еден повреден припадник на САС при упадите во кои Би-би-си имал увид.

Тим на новинари на медиумот отишол и во Авганистан, на некои од локациите каде се случиле убиствата. Телевизијата обезбедила сведоштва од локалци, дека нивни роднини или познати биле убивани по заробувањето на начин што по заробувањето биле повикувани внатре во објектот цел на претрес, за потоа само да слушнат истрели.

Фотографиите кои Би-би-си ги направил на терен потоа ги дал на разглевување на форензичари. Експертите кои ги консултирале ценат дека трагите од куршуми се премногу ниско како за пукање кон активна мета. Нивните проценки се дека метите во кои е пукано веројатно биле клекнати или седнати и тоа блиско до ѕидот.

фотографии од траги од куршуми на некои од локациите каде се случиле убиствата, фото: Би-би-си.

Министерството за одбрана на Велика Британија, одбило да коментира за конкретни обвинувања. Но, објасниле и дека одбивањето да коментираат не треба да се толкува како прифаќање на фактичката точност на обвинувањата. Портпаролот на министерството, за Би-би-си, изјавил и дека британските сили „служеа храбро и професионално во Авганистан“ и дека од нив се барале „највисоките стандарди“.

Во 2014 година, пишува Би-би-си, Воената полиција почнала широка истрага за над 600 сомнителни престапи на британските сили во Авганистан, вклучувајќи и повеќе убиства од страна на САС. Истражителите на Воената полиција за Би-би-си изјавиле дека биле попречувани во нивниот обид да обезбедат докази од страна на Британска војска. Истрагата формално е затворена во 2019 година. Според Министерството за одбрана, не биле најдени докази за криминал.

Последнтие изјави од Министерството за одбрана реферираат кон исходот од претходните истраги, дека не бил најден никаков криминал при службата на британската војска во Авганистан. Сепак, владиниот ресор е подготвен повторно да ги разгледа случаите доколку има „нови докази“ во новинарското истражување. Би-би-си, од своја страна, соопшти дека ќе го достави целиот необјавен материјал на располагање на Воената полиција, согласно етичкиот кодекс на телевизијата.

Извор: 360stepeni.mk