МНР не собра храброст да испрати протестна нота за бугарските територијални претензии

Пред неколку дена пратениците од Народното Собрание на Република Бугарија испратија порака „Македонија е Бугарија“ и истата беше поткрепена со говорот на еден од пратениците кој истакна заложба дека Бугарија „треба да се бори за идејата од 1941 година за една заедничка држава Обединета Бугарија со Македонија“.

Овој меѓудржавен скандал и отворено искажување на територијални претензии во бугарскиот парламент кон Македонија наидоа на остра критика кон јавноста, но, и истиот претставува сериозна причина за загриженост, поради тоа што вакви отворени територијални претензии не се видени можеби уште од Втората светска војна.

Она што македонската јавност го очекуваше беше брза и жестока реакција од страна на државата, но, наместо тоа, оваа територијална претензија македонското МНР ја оцени пред се за говор на омраза, и наместо барање за осуда, тие напишаа дека тоа го очекуваат од официјалните претставници на Бугарија

Република Македонија очекува официјалните претставници на Бугарија да го осудат експлицитниот говор на омраза и територијалните претензии кон Македонија, како крајно непримерен акт кон соседна пријателска држава. – Стои во соопштението.

По ваков чин на една држава кон друга во најмала рака треба да следи отповикување на амбасадорот и известување на регионалните и светски организации за безбедносна закана и територијална претензија. Но, наместо ваков епилог, Министерството управувано од Османи не собра храброст да испрати ниту протестна нота за искажаните територијални претензии кон Македонија, ставајќи акцент на „говорот на омраза,“ одлучувајќи се да испрати „вербална нота“ до бугарското МНР, за што се пофали во соопштението.

Министерството за надворешни работи на Македонија врачи соодветна вербална нота со оваа содржина до бугарското Министерство за надворешни работи.“