АктуелноЛокалноСтав

Господа капиталисти, во мрачниот социјализам бевме Македонци

  • Став на Виолета Аврамовска, Советник од Левица во Општина Охрид

Здраво другари и другарки северномакедонци!

Ох, простете, ве нареков другари и другарки како во мрачниот социјализам. Простете, а заборавив дека во мрачниот социјализам не бевте северномакедонци туку Македонци, не зборувавте северномакедонски, туку македонски јазик и не живеевте во северна туку во Социјалистичка Република Македонија, во рамките на СФРЈ.

Здраво господо и госпоѓи капиталистички северномакедонци, кои зборувате северномакедонски јазик. Па, логочно е, како што рече Бујар Османи, јазикот и народот да се нарекува исто како што се вика и земјата, вашата земја. Но, идентитетот ни е бетон, како што му верувавте на лагите на вашиот аболициран криминалец, Зоран Заев и на вашата СДС на нашата земја.

Е, ако, важно е да си господин, некако отмено звучи, многу поотмено отколку другар. Господин кој живее во демократија, наместо во диктатура, господин кој трпи невидена експлоатација и р’га за туѓи бели дворови, господин, кој својата работна сила ја продава како стока на пазарот на трудот, господин кој им создава вишок на вредност на буржуите, преку експлоатацијата која ја трпи и на тој начин придонесува во создавањето и трупањето на нивниот капитал, господин, кој засрамено ја ведне главата пред своето семејство поради неможноста да го прехрани и да ги исплати натрупаните сметки.

„Господин и госпоѓа“ – колку отмено звучи кога децата ги испраќаш во белиот свет, ги голташ солзите и не знаеш кога и дали повторно ќе ги видиш. Господин и госпоѓа, кои избраа да бидат камшикувани во експлоататорски систем како капитализмот, наспроти другар и другарка, во единствениот систем кој не е експлоататорски, како социјализмот.

Но, многу е важно што ги прифативме нивните европски западни вредности, како ние да живеевме без етички вредности и норми во мракот на социјализмот, каде семејството беше основна клетка на општеството, каде се негуваа националната култура и традиција.

Балканци, не можеме ние со Европјаните и со Американците. Балканската душа е топла, искована од љубов и гостопримство, но среќа е што постојат СДС на нашата земја, ДПМНЕ и борците за човекови права ДУИ,па не’ научија дека западните вредности се оние вистинските, каде луѓето се оттуѓуваат едни со други, поради поделбите кои ги направија по секоја основа, верска, национална и партиска и дека нивниот разврат е поголема вредност од нашите балкански вредности.

Како и да е, важно е дека ја живееме демократијата на еден демократски систем, без да знаеме дека демократијата е владеење, владеење на народот преку демократско право на глас, кој им го даваме за да ги застапуваат нашите интереси, а при тоа немаме демократско право да ги отповикаме, доколку ги изневерат нашите очекувања. И, за жал, не знаеме дека единствената демократија во историјата на демократијата, од антиката до денес, е атинската демократија, ниедна друга.

Како јагнињата да стивнаа. Некако сте многу тивки. Додека го сонувавте својот сон за НАТО и ЕУ со очи широко затворени, си ја продадовте татковината, јазикот, идентитетот, додека му ракоплескавте на пиперкарот милионер, кој резил не’ направи во цел свет, си ја продадовте татковината. И немојте да ги обвинувате Бугарите за тоа, ниту пак Грците, побарајте ја вината во вашата СДС, кај аболицираниот ви премиер, кај вашиот Таче, премиер без легитимитет, со кого цел свет мајтап си тера, кај нашите домашни квислинзи, кои дури и фашизмот го глорифицираа, преку отворањето клубови на Ванчо Михајлов, преку бришењето на бугарскиот фашистички окупатор.

,,Дали ќе чувствуваш вина како гласач, ако оној кому си му го дал својот глас ги изневери твоите очекувања и интересите на народот” , праша професорот на испитот по Основи на демократијата. Сите молчевме, но денес со сигурно знам да одговорам, да виновна сум јас, исто колку и тој, бидејќи јас му ја дадов власта.

Затоа господо капиталистички северномакедонци, продолжете да им го браните капиталот и криминалот на вашите избраници, мислете се како ќе го поминете месецот со мизерните плати, како ќе платите сметки и како ќе се прехраните вие и вашите семејства, по сите ценовни шокови кои ги доживуваме секојдневно. Ама, важно вашите победија и ви го сменија името, а вие сите помогнавте да се самоукинеме како народ.

Заспаните народи се будат како робови. SERVUS господо и госпоѓи капиталистички северномакедонци, а јас и понатака сакам да ми се обраќаат со другарке, бидејќи јас сум од оние кои не ја почитуваат демократија, кои од дното на душата го презираат капитализмот и капиталистите, бидејќи како припадник на работничката класа, за разлика од многу други знам дека тие се моите класни непријатели.