(Видео) Протест за итна реконструкција на регионалниот пат Богданци-Гевгелија

Вчера, во организација на локалните ограноци на Левица од Богданци и Гевгелија се одржа првиот протест организиран од партијата за локално прашање на југот од државата. На овој протест се приклучија неколку стотици граѓани кои секојдневно се засегнати од овој проблем.

„Доста ни е од лаги и манипулации во обид да се соберат само политички поени и да се заборави. Народот е веќе изморен и бара видни решенија во најбрз рок“ – порачаа протестирачите од предупредувачкиот протест на крстосницата кај бензинската пумпа „Шимов“ каде го блокираа регионалниот пат Богданци-Гевгелија, за кој побараа итна реконструкција.

Сведоци сме дека овој пат е во очајна состојба. Покрај тоа што поврзува три гранични премини,по него секој ден поминуваат лесни и тешки возила кои уште повеќе ја влошуваат неговата состојба поради што ние трпиме финансиски загуби, а општините Богданци и Гевгелија не можат да се развиваат со таква катастрофална патна инфраструктура, велат разочараните граѓани.

Тие посочија дека патот не е правен според стандардите и дека до сега се случиле голем број сообраќајни незгоди од кои повеќето завршиле со загуба на човечки животи.

Со овој протест им дадовме дознаење да дојдат да си ја завршат работната задача. Нема ние да плаќаме при регистрација фонд за патишта, нема ние повеќе да плаќаме патарини, а да немаме патишта. Нема ние да го возиме патот на смрта, нема повеќе наши граѓани да гинат на овој пат! – Кажа Михаил Тодоров, Советник од Левица во Општина Богданци.

Заради овие причини присутните на протестот побараа овој патен правец под итно да се реконструира или да се затвори за сообраќај. Организаторите најавија дека доколку патот не биде реконструиран до крајот на годината, тие ќе се активираат за секојдневно блокирање на истиот.