(Видео) Симонов: ЕУ ги погазува одлуките на ООН

Во вчерашната емисија на Радио Лидер „Есперсо со Златев и Боцевски“ гостуваше Александар Симонов, Координатор на Левица – Сектор надворешна политика. Тој зборуваше за францускиот предлог и барањето за објаснување на македонскиот јазик од страна на Македонија и Бугарија, за што истакна дека со ова барање ЕУ не само што ги погазува сопствените вредности, туку и носи решение кое ги погазува одлуките на ООН, во чие донесување учествуваат земјите членки на Унијата, но и самата Бугарија. Во прилог транскрипт од неговото излагање по ова прашање.

Преговорите со Бугарија не требаше ни да започнат! Уште пред две години предупредувавме дека договорот е штетен и дека нема да донесе ништо добро во иднина. Сега сме сведоци како договорот кој беше претходно потпишан создава негативни импликации.

Францускиот предлог во најмала рака е надвор од здраворазумен од едноставна причина што се она што ни се сервираше изминативе години како европски вредности, како човеково достоинство како уважување на туѓа држава, денес паѓа во вода.

Момент на кој би сакал да се задржам е јазикот. Јазикот беше една од темите кои сите ја спомнуваа како заштитена. Денес имаме момент каде што повторно јазикот се актуелизира како тема.

Со ова, ЕУ не само што ги погазува нејзините вредности, туку ги погазува и вредностите на хиерархијата во меѓународните односи.

Да бидам појасен за слушателите. Ако во државата имаме хиерархија заснована на уставност и законитост каде што Уставот ни е највисок праввен акт, а законите следат под него и тие мораат да бидат во согласност едни под други. Така, во меѓународните односи имаме непишано правило и ваквата улога на највисок правен акт ја има Организацијата на Обединети Нации.

И сега, со овој предлог, практично ЕУ (иако е под организацијата на ООН), затоа што таа е светска, а овие се регионална организација, фрапантно крши одлука која претходно е донесена во ООН, а тоа е македонскиот јазик. Земјите членки на ЕУ, вклучително со Бугарија имаат донесено одлука да го признаат Македонскиот јазик, и тоа е завршена приказна во меѓународна инстанца!

Сега, истите тие земји кои го имаат признаено македонскиот јазик го ставаат под знак прашалник! – Меѓудругото и самата Бугарија учествува во донесувањето на таа одлука во ООН за да се признае македонскиот јазик.“