Зошто Балканот ги руши мостовите со Русија

Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Минатата недела, Македонија, Бугарија и Црна Гора, неочекувано за сите, а можеби и за самите нив, делуваа како обединет фронт на патот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кон Белград, дефинитивно оцртувајќи ја нивната антируска позиција. Потегот на овие три држави под диктат на САД и ЕУ е насочен не само кон Москва, туки и кон Белград. Особено имајќи го предвид фактот дека Србија во последниот период многупати и на разни начини им помогна и на Македонија и на Црна Гора. Нивниот потег е јасен доказ дека овие три држави се наоѓаат под надворешна контрола и се еден вид на протекторат, односно држави кои што не водат самостојна независна надворешна политика.

Парадоксално, дипломатскиот инцидент се случи непосредно пред отворањето на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, еден од најзначајните настани на руската и светската економска агенда. Очигледно ваквата одлука е диктирана од европските функционери и нивните колеги од САД, но колку е таа оправдана во денешни услови и дали ги задоволува интересите на трите земји?

Во сегашното меѓународно опкружување, Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург останува една од ретките универзални платформи за градење дијалог со Москва за широк опсег на прашања од геоекономија и геополитика до меѓурегионални односи. Неодамнешниот Светски економски форум во Давос, иако ги собра угледните политички лидери и истакнати мислители на нашето време, не беше пробив во надминувањето на новите глобални предизвици – тој беше речиси целосно посветен на разговорот за тоа колку лошо Русија се однесува во Украина. Се разбира, во Санкт Петербург не треба да се смета на такво репрезентативно ниво, но интеракцијата на ниво на бизнис заедницата целосно би ги задоволила економските интереси и на Балканот и на Русија.

Денес гледаме како емотивно обоената и честопати кратковидната политика на санкции на САД и ЕУ против Русија, активните финансиски и воени инјекции во руско-украинскиот конфликт, како и деструктивните дејства на властите во Киев го уништуваат економскиот систем во светот што е формиран со децении, и сето тоа води до раст на инфлацијата ширум светот што ќе доведе до светска рецесија и економска криза. Сето тоа ги нарушува вообичаените логистички и производствени синџири, што ќе доведе до тешка прехранбена криза која може да погоди милиони луѓе, вклучително и Балканот, поточно овие три држави кои што не дозволија Лавров да долета до Белград.

Со текот на годините на своето постоење, Москва цврсто се интегрираше во светскиот економски и логистички систем, станувајќи негов составен дел. Како резултат на тоа, наметнатите ограничувања и санкции ѝ наштетуваат на самата Европа, особено на малите земји како Македонија или Црна Гора, кои во голема мера зависат од рускиот увоз на земјоделски производи, нафта и гас од Русија, како и руските туристи, доведувајќи ги во прашање својата енергетска и прехранбена безбедност.

Остриот прекин на економските врски со Русија од страна на Европејците ја принуди Русија да се преориентира на пазарите во Азија, Блискиот Исток и Африка. Азија со население од 4,7 милијарди жители, со младо и образовано население, динамична и иновативна економија е пазарот на иднината, за разлика од Европа, која што е на залез, и ги живее последните моменти од својата некогашна величина и големина. И во блиска иднина, веројатно ќе видиме пополнување на настанатиот надворешно-економски вакуум во Русија од страна на претставниците на овие географски региони, кои што ќе го завземат местото на Европа и европските економии во рускиот пазар, и во рускиот извоз и увоз. Веќе во април, Азија, на пример, ја престигна Европа во однос на набавката на нафта од Русија, станувајќи најголем увозник на квалитетната руска нафта. Водечки се Кина и Индија. Но Тајланд, Бангладеш, Виетнам и можеби Јапонија се на листата за чекање за руските енергетски ресурси.

Во таа насока, економскиот форум во Санкт Петербург најверојатно ќе биде потврда за трендот на свртување на Русија кон исток и Азија, како и зајакнување на регионалната економска интеграција и соработка. Околу 80 држави веќе го потврдија своето учество на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, очигледно наклонети кон прагматична интеракција и конструктивен дијалог и соработка со Русија.

Како кула од карти се урива европската и пред се германската економска конкурентност, изградена во последните 50 години како резултат на евтината нафта, гас, метали, минерали од Русија, како и нивната сигурна испорака. Русија и во минатото СССР се покажаа како партнери, секогаш исполнувајќи ги своите делови од договорите, за разлика од Колективниот Запад.

Што се однесува до Балканот и Европа како целина, тие и во иднина ќе ја следат надворешната политика на САД и ќе продолжат да градат и имплементираат различни концепти за задржување и конфронтација со Русија. Но како резултат на свртувањето на Русија пред се кон самата себе и кон Азија, ЕУ ризикува сериозно и на долго време да ги изгуби врските и бенефициите од соработката со Русија.