Европа и Македонија исправени пред тешка економска и енергетска криза

Пишува: Дарко ТодоровскиМагистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Како резултат на санкциите против Русија, Европа нагази на сопствената нагазна мина, и на тој начин Европа ја подкопа својата економска конкурентност и просперитет. Цената која што ќе ја платат обичните граѓани на Европа и на Македонија ќе биде огромна, а Азија дополнително ќе ја зголеми својата предност пред Европа во економска и технолошка смисла.

По почетокот на руската специјална воена операција во Украина, политичарите од САД и Европа инсистираа дека уделот на Русија во светската економија е скромни 2,84%. Обама во 2014 година изјави дека Русија е регионална земја со слаба економија која извезува само суровини и енергија. Неговите зборови ги потврди и Бајден после 24-ти февруари, кој што изјави дека како резултат на жестоките санкции на колективниот Запад, економијата на Русија наскоро ќе пропадне и дека доларот ќе биде 200 рубли. Бајден дури рече дека Московската берза, како и руската економија, ќе пукне како „меур од сапуница.“ Но наместо тоа, цената на галон бензин во САД постојано урива нови рекорди, а Бајден го обвинува Путин за тоа, како и за високата инфлација во САД. Но, во САД, малку луѓе веќе му веруваат на Бајден, а во сите анкети, граѓаните на САД сметаат дека Бајден е најнепопуларниот претседател во историјата на САД.

Но ништо од тоа не се случи, руската економија брзо се опорави од шокот и се адаптираше на новата реалност, а од почетокот на годината, суфицитот во трговската размена на Русија со светот изнесува околу 300 милијарди долари. Огромна количина на средства која што Русија ги насочува и инвестира во својата економија и развој. Рубљата постојано зајакнува, и за 1 долар денес може да се купат 58 рубљи. Руската економија и извозот на енергенси се преорентира на Азија, а од Азија Русија ќе увезува се што претходно увезуваше од Европа.

Но, времето покажа дека Западот згреши со своите прогнози и дека санкциите пред се силно го погодија Западот, а не Русија. Санкциите против енергетскиот сектор на Руската Федерација имаат исклучително негативно влијание врз глобалната економија, а пред сè врз економиите на ЕУ и САД. САД и Европа веќе доживуваат рекордна инфлација во последните 40 години, што се заканува да прерасне во совршена економска бура. Санкциите против енергетскиот сектор во Русија доведоа до дополнително зголемување на цените на нафтата и гасот ширум светот, и како резултат на тоа, тоа влијаеше на порастот на цената на храната и основните добра ширум светот.

Властите на Македонија, кои што се сервилни во однос на Западот и ги исполнуваат сите наредби, се приклучија кон анти-руските санкции. А неконкурентната економија на Македонија целосно е зависна од случувањата на светската сцена, и во иднина Македонија и нејзината економија ја чекаат тешки времиња. Македонија, која што е целосно зависна од увозот на нафта и гас пред се од Русија, на тој начин си пукаше сама во своите нозе. Русија беше еден од најважните пазари за извоз на македонските земјоделски производи. Во Македонија веќе има двоцифрена инфлација, која што е поголема од 20%, и Македонија ја чека тешка економска и енергетска зима. Повеќе министри веќе ги подготвуваат граѓаните за кризата и за тешката зима која што следи, изјавувајќи дека цената на нафтата, на гасот, на електричната енергија ќе остане висока и бараат граѓаните да најдат алтернативни начини на греење, како и да се облекуваат потопло во текот на зимата што следи.  

Но, САД го остварија она што го сакаа, ја ставија ЕУ под целосна своја контрола. САД ставија крај на енергетската соработка и проекти помеѓу ЕУ и Русија. Санкциите не се само механизам за задржување на Русија, туку и алатка за прераспределба на глобалниот енергетски пазар во корист на големите мултинационални компании, првенствено од Соединетите Американски Држави. И цената за тоа ќе ја плати Европа и Европејците. Како што вели поговорката „Само бизнис, ништо лично“. А санкциите против рускиот енергетски сектор веќе ја покажаа својата неефикасност, предизвикувајќи енормен пораст на цените на бензинот, гасот, храната во Европа, што доведе до растечко незадоволство низ цела Европа, а обичните Европејци си го поставуваат прашањето „дали сме ние под санкции или Русија е под санкции? Зошто ние мораме да се откажеме од комотниот живот?“.

Но, во моментов, на глобалниот пазар на енергенси нема можности за да се замени нафтата и гасот од Русија. За да се реализира вакво сценарио за замена на рускиот гас и нафта, на Европа ќе и бидат потребни од 5 до 10 години. Но, голем број на аналитичари и енергетски експерти во Европа велат дека такво сценарио е невозможно и дека Европа не може да живее без нафта и гас од Русија, и дека Европа ќе купува нафта и гас на црно од Русија. САД и ЕУ мислеа дека можат да ги заменат нафтата и гасот од Русија со испораки од Блискиот Исток, првенствено од Катар и Саудиска Арабија, како и од Африка, од Нигерија и Алжир. Но тоа се покажа невозможна мисија на кратки стази, бидејќи Катар и Саудиска Арабија имаат долгорочни договори со Азија, а Саудиска Арабија ја подигна цената на својата нафта во Европа. Саудиска Арабија изјави дека најрано своето производст о на нафта во големи обеми може да го зголеми во 2026/2027 година. А производството на нафта во Нигерија падна за 14% во однос на претходната година, а во Алжир производството на нафта и гас опаѓа со години. Плус Алжир ја стопираше испораката на гас за Шпанија. Како последица на санкциите и политиката за замена на нафтата и гасот од Русија, и на турбуленциите во светската економија, стотици милиони жители на земјата веќе страдаат, но колективниот Запад ослепен од омразата против Русија не размислува за тоа.

Додека европските политичари се натпреваруваат во воведувањето на санкции против Русија, како кула од карти се урива европската и пред се германската економска конкурентност, изградена во последните 50 години како резултат на евтината нафта, гас, метали, минерали од Русија, како и нивната сигурна испорака. Русија, а во минатото СССР се докажаа како партнери кои секогаш ги исполнуваат своите делови од енергетските договори, за разлика од Европа. Додека колективниот Запад воведува санкции против Русија, Кина и Индија ги купуваат сите количини нафта и гас од Русија. Како резултат на тоа, Русија забрзано гради гасоводи и нафтоводи до Кина и Азија, како и терминали за течен природен гас и нафта. Со население од 4,7 милијарди жители, пред се младо и образовано население, енергична и иновативна економија, Азија е пазарот на иднината, за разлика од Европа, која е во опаѓање и во последните моменти од својата поранешна слава и големина. Сонцето полека заоѓа над Европа.

Западните и македонските политичари кои се залагаат за санкции против енергетскиот сектор на Русија се однесуваат неодговорно кон своите граѓани, бидејќи обичните граѓани ќе бидат погодени од зголемувањето на цените на основните производи, бензинот, греењето, храната и друго на светските берзи. Незадоволството расте во Европа и во САД, а многу од политичарите кои ги донесоа овие санкции наскоро ќе бидат ставени на ѓубриштето на историјата.