Крим – Дијалог на културите: Русија – Балкан

Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

Крим е спој на невидена природна и божествена, духовна убавина, место каде што постојано извира и тече огромна животна, духовна енергија и сила. Не случајно за Крим важат изреките дека „Крим е златен орден на градите на планетата Земја“ и дека „Крим е бисер на светот“. Кримскиот полуостров и неговите преубави плажи ги заплискуваат водите на Црното и на Азовското море, а во внатрешноста на Крим се извиваат планини кои што на Крим му даваат посебна убавина. Крим е колевка на сите периоди од човечката историја, и на секоја педа од кримската земја можат да се видат остатоци од таа богата и славна историја. Почнувајќи од праисторијата, античката историја, средниот век и покрстувањето и примањето на православието на Књезот Владимир и на русите, па се до периодите на двете Светски Војни и до современиот период. Крим е преполн со архиелошки локалитети, стари цркви, манастири, џамии, тврдини, безброј палати и дворци.

Без разлика на сложната меѓународна ситуација и односи во светот и особено околу Крим и регионот, од 22-ри до 27-ми мај во Крим се оддржа вториот меѓународен младински форум „Дијалог на културите: Русија – Балкан“, на кој што учество зедоа 40 студенти и претставници на младински организации од Русија, Македонија, Србија, Бугарија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, поточно Република Српска. Организатори се Бугарскиот културен центар „Извор“ и Регионалната бугарска национална-културна автономија на Крим „Пајсије Хиландарац“ и локалната бугарска национално-културна автономија на градскиот округ Симферопол.

Учесниците на форумот упатија моќна порака дека „Силата е во единството и во правдата“, и се заложија за зачувување на историјата и на културното и духовното наследство, како и за градење на заедничка иднина помеѓу Балканот и Крим. Според учесниците на форумот, секоја криза покрај опасностите кои што ги крие во себе, нуди и море можности и ние сме должни да ги искористиме можностите и да работиме на заедничката иднина помеѓу Балканот и Крим.

„Во овие тешки моменти, пожелно е да заминете од овде со свое мислење. Нема да ви наметнуваме мислење, вие самите ќе го формирате. Дојдовте и гледате што се случува и како Крим живее, а ние ќе продолжиме да гледаме како ќе ги развиваме нашите односи со вас и со Балканот“ – Иван Абажер,  Претседател на Регионалната бугарска национално-културна автономија на Крим „Паисије Хиландарац“, член на Граѓанската комора на Русија и Крим.

Воедно, тој апелираше до младите да ги негуваат своите културни и духовни вредности, верба и единство, нагласувајќи дека успехот во иднина ќе зависи од разбирањето на историјата и актуелните околности.

Људмила Радева, заменик-претседател на Регионалната бугарска национална културна автономија на Крим, испрати порака до сите што читаат и пишуваат на кирилица.

„Нашата цел е младите да се потсетат на своите корени, на пријателството кое долги години ги поврзува нашите земји, на нашите историски, духовни и културни врски за да ја зачуваме азбуката. Не се само буквите, тоа е нашиот цивилизациски код, она што не направи Словени, ја обликува нашата култура. Ви се обраќаме на сите – чувајте го мајчиниот јазик и азбуката“, рече Радева.

24-ти мај, на Денот на Словенската писменост и култура, учесниците на форумот го посетија Херсонес, место кое што во 867 година го посетиле светите апостоли и просветители Кирил и Методиј, а во 861 година Херсонес бил посетен од светиот апостол Кирил (Константин). По тематската екскурзија низ остатоците од античкиот град Херсонес, како и заедничката молитва во катедралата Свети Владимир, протоереите Сергиј Хаљута и Стефан Сломчински одржаа духовна и филозофска проповед за смислата на животот, потсетувајќи дека словенската азбука е создадена пред сè за нашите народи да го проучуваат Светото писмо, и да влезат во кругот на цивилизираните народи. Кирил и Методиј со својата мисија ги поставиле темелите на Словенската цивилизација. Во античкиот амфитеатар во Херсонес, беше оддржана театарска претстава под името „Легендата на Кирил и Методиј“ од страна на студентите на Кримскиот универзитет за култура, уметност и туризам.

Следеше научна конференција на тема Крим и Балканот, а учесниците на форумот настапија со научни доклади за зачувување на духовното и културно единство, како и за геополитичката слика на светот и на црноморско-балканскиот регион.

Програмата на форумот беше многу богата: покрај Симферопол, Севастопол, Јалта, учесниците посетија неколку од симболите на Крим – споменикот на потопените бродови во Севастопол, замокот „Гнездо на ластовицата“, како и Ливадискиот дворец, поранешната летна резиденција на руските императори од династијата Романови, како и дворец каде што во февруари 1945 година беше оддржана познатата Кримска конференција помеѓу лидерите на државите победници во Втората Светска Војна.

Последниот ден од форумот го одбележа важен настан – учесниците го посетија Спомен-обележјето на жртвите од нацистичката окупација на Крим за време на Втората светска војна – „Концентрационен логор Красни.“ Учесниците се запознаа со историјата на окупацијата на полуостровот, која траела од 1941 до 1944 година, при што на Крим биле убиени 220 000 цивили, а во логорот „Красни“ фашистите мачеа и убија повеќе од 15.000 цивили, меѓу кои што и деца, меѓу кои и неколку деца на едногодишна возраст.

Во салата на меморијалниот комплекс гостите на полуостровот разговараа со претседателот на Државниот совет на Крим, Владимир Константинов, кој ја презентираше својата оценка за настаните кои се актуелни во светот денес, како и за Кримската пролет во 2014 година, во која што активно учество зел и самиот Константинов.

„Спроведувајќи го референдумот на Крим, сите напори ги насочивме кон почитување на сите правни норми, нашиот Устав, Уставот на Украина од 2014 година, Уставот на ООН, се обидовме да ја почитуваме секоја точка за да не бидеме обвинети за некои неправилности. Но, тоа веќе никому не му треба. Западот ги има сите права, а на другите правата што им ги даваат. Велат „признаваме“, па нема потреба од одржување референдум, како што беше случајот во Косово. Никој ништо не одржа, само рекоа „Косово сега е држава“. Ние одржавме референдум, согласно Уставот, реагиравме на нелегалниот пуч во Киев во кој беа убиени стотици луѓе, меѓу кои и голем број кримјани. Го заштитивме нашиот идентитет во согласност со Повелбата на ОН“ објасни Константинов.

Учесниците на форумот дадоа интересен предлог за создавање на информативен ресурс кој ќе им овозможи на жителите на Балканскиот Полуостров да читаат објективни и точни информации за настаните на Крим и Русија, кои не се доволни.

Шефот на Државниот совет на Крим вети дека ќе ги поддржи и им се заблагодари на учесниците на форумот, нагласувајќи дека нивната одлука да го посетат Крим во сегашната ситуација е храбра.

Она што ги обединува Крим и Балканот се словенството, православието и кирилицата, и народите на Крим и на Балканот се блиски на духовен, културен и историски план. Крим е место кое што обединува различни култури, народности, традиции и религии. На Крим сложно и во просперитет живеат 175 народности, кои што ги почитуваат своите традиции, култура, историја и религии. Не случајно мотото на Крим е „Просперитетот е во единството.“

Секој патник кој што го посетил Крим, со себе во своето срце зел дел од Крим и од неговата божествена убавина.