Енергетската криза е резултат на удоволувањето на странските интереси и домашната енергетска мафија

  • Реакција на Левица, Сектор – Енергетика

Левица во неколку наврати укажуваше на тоа дека Владата предводена од СДСМ, заради задоволување на странските интереси, а во корист на поединци во енергетскиот сектор, ја жртвува благосостојбата на народот, со што државата ја води кон енергетски колапс. Токму како последица на ваквите политики на власта, Македонија се соочува со девастирачка социјална криза, која во блиска иднина може да го загрози и самиот опстанок на државата како таква.

Иако власта досега останува глува кога се работи за политики кои нудат решенија спротивни на бизнис интересите кои ги имаат поединци блиски до владејачките структури, особено кога се работи за енергетски политики кои се од општ јавен интерес, а во директна спротивност со тесните приватни интереси на малкутемина, сепак, повторно апелираме до Владата итно да се прекине со удоволувањето на странските интереси и да се преземат чекори во насока на искористување на енергетските потенцијали во корист на јавниот интерес.

Во оваа насока, потребно е да престане отстапувањето на клучните локации за производство на електрична енергија, како што се Чебрен и Галиште, локациите за ветерни паркови, како и неколку одлични локации за фотоволтаични централи и овие капацитети да ги користи за производство на електрична енергија како дел од државното производство во корист на народот, а не тие да бидат експлоатирани од приватни интереси како дел од “домашното” производство на електрична енергија.

Понатаму, уште еднаш апелираме да се прекине со проектот во Грција за изградба на гасна централа на туѓа територија и средствата да ги воложат во енергетскиот сектор во границите на Републиката. Исто така, потребно е да се престане со одливот на народните, буџетски пари од општините, државните и јавни претпријатија во приватните фирми – кои во голем дел се под контрола на енергетската мафија – преку активирање на државната Елем Трејд за снабдување со електрична енергија на истите.

Воедно, потребно е властите поагилно да се заангажираат во зашта на граѓаните кои инвестираат во фотоволтаични централи од неквалитетни фото панели произведени од домашни компании под контрола на високи челници во Владата. Исто така, активно да се преземаат мерки во спречување на скриеното поскапување на електичната енергија која ја плаќаат граѓаните преку нереални тарифни блокови за потрошена електрична енергија во новиот тарифник кој е во фаза на изработка.

Се надеваме дека власта, поради безизлесноста во која е доведена државата и свесна за последиците од енергетската и социјална криза, ќе ја тргне сопствената суета, која е резултат на безидејност, незнаење и сервилност кон странските интереси и ќе го прифати погоре понудениот концепт за државно производство на електрична енергија.

На овој начин, што поскоро, конечно ќе отпочне со политики во енергетскиот сектор кои ќе изградат народни електрани преку кои енергетските капацитети ќе бидат во корист на општиот јавен интерес, а не како до сега, тие да служат на поединечните профити и приватни бизнис интереси на грст луѓе устоличени како енергетска мафија во државата.