Босо образование – Боса иднина
Пишува: Жаклина Свеќаровска – координатор на Сектор Образование
Се чини дека образованието наназад со години патува кон дното кое, за жал, веројатно го допре последниве две години кога пандемијата до крај ни ја покажа соголената слика и пустошот со кој се соочени образовните институции. Падот почна кон крајот на осумдесеттите и на почетокот од деведесеттите години, а особено се интензивира по 2007 година. Имено, децентрализацијата во образованието во пракса не се реализира како зголемена грижа и исполнување на специфичните образовни потреби, видени од поблиску, на локално ниво, туку како претворање на училиштата во шелтери за партиски активисти.
При тоа, не е ни малку дискутабилно правото на наставниците да имаат политички став, туку начинот на кој се врши избор при вработување, како и начинот на кој се утврдува потреба од вработување.
Ако ја споредиме состојбата во образованието денес со таа од 2007 година, евидентен е падот на бројот на ученици, а во исто време се бележи пораст на бројот на вработени. Бројот на вработени, меѓутоа, не е резултат на поинаква поделба на паралелките и обврските во училиштата, а со цел посоодветно и поквалитетно исполнување на барањата и потребите на учениците. Оттука, како дополнителна компликација се појавува фактот што за истата плата некој работи со 34, а друг со 3-4 ученика во паралелка, што секако влијае на опаѓање на мотивацијата.
Неизбежен удел имаат и бројните обиди за реформи. Партиите, нотирајќи ги забелешките за неквалитетот на образованието, таксативно ставаат во своите политички програми дека ќе пристапат кон реформи. Кога ќе ја освојат власта, притиснати од јавноста трчаат да испорачаат нешто, што и да било, на таа тема. Во недостаток на издржани, анализирани и разработени решенија, посегаат по туѓи, преземени од други држави. Веројатно ја немаат читано приказната за Пепелашка: убавата стаклена чевличка направена за нејзината нога не можела да ја обуе ниту една друга девојка.
Затоа, фигуративно кажано, и покрај преполните полици чевли (т.е реформи) образованието ни е босо.
Квалитетната реформа на образование мора да биде втемелена на актуелната состојба, но со силна визија кон иднината, затоа што денес се обучуваат оние кои во иднина треба да го понесат општеството на свои плеќи.
Каква мотивација за учење може да има дете на кое му се пласираат содржини кои и во моментот се застарени?
Што може да понуди наставник фрустриран и ограничен со материјална беда, оневозможен да вложува во себе и да се унапредува, а втурнат да бара алтернативни извори за егзистенција?
Дали како општество со редуциран човечки потенцијал (негативен природен прираст, постојано иселување на млади луѓе од државата) можеме да си дозволиме макар и едно дете да не добие реална можност да ги развие своите потенцијали?
И, дали, земајќи го сето ова предвид, смееме да си дозволиме образованието да биде било чиј бизнис и извор на заработка, наместо расадник за иднината?
Одговорот на овие прашања ја дава конструкцијата на зафатите кои се неопходни и итни, што не значи дека треба да бидат избрзани. Истите мораат да се темелат на конкретни и објективни анализи, но најмногу на промена на перспективата: образованието не е трошок, туку инвестиција.