Кадар одговорен за пропусти со матични изводи ќе управува со топловодната мрежа за парно

Бујар Дардишта, доскорешниот директор на Управата за водење на матични книги, е именуван за нов управител на едно од новоформираните три претпријатија на ЕСМ за топлинска енергија за затоплување на скопјани на местото на БЕГ. Тој е назначен за директор на ЕСМ Дистрибуција на местото на Менка Јовановска, која беше на чело само три месеци, додека првично нејзиниот мандат требаше да трае до почетокот на 2023 година.

Додека Јовановска беше дипломиран машински инженер, кај Дардишта позицијата е запишана само како „управител“, иако е познато дека е адвокат кој ги бранеше обвинетите во „Диво Насеље“. На самиот крај од минатата година на владина седница беше соопштено дека е „прифатена неговата оставка од должноста директор на Управата за водење на матични книги“. Неговиот мандат во ЕСМ Дистрибуција е предвидено да трае до крајот на грејната сезона.

Дардишта стана „популарен“ во јавноста откако Државниот завод за ревизија утврди дека во 2019 година кога тој бил директор на Управата биле издадени 21.957 погрешни изводи, односно 4 отсто од вкупниот број издадени изводи од матичните книги. Во реализираната ревизија бил констатиран кусок од 94.451 извод во матичните книги во Скопје, Тетово, Ресен, Гостивар и во Прилеп. Односно, ДЗР утврдил дека за толку обрасци на изводи не се наплатени ниту административни такси

Инаку ЕСМ Дистрибуција управува со топловодната мрежа за парно греење, Под негова надлежност се санирањето на дефектите, редовни проверки на подстаниците и на нивната функционалност и обезбедување на сигурна и квалитетна испорака на топлинска енергија до сите потрошувачи по почетокот на грејната сезона.

Еден кадар на ДУИ, Месуд Јакупи (ИТ администратор), инаку шеф на изборниот штаб на партијата во Студеничани, веќе доби шестмесечен мандат како директор на ЕСМ снабдување со топлина, кое ги наплаќа сметките од околу 60.000 корисници. Таму како член на Надзорниот одбор е и ќерката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, Бесиана Џафери Беќири.

Превземено од: Фактор.мк – Александар Кузмановски