Ако Славески е загрижен дека зголемувањето на минималната плата ја забрзува инфлацијата, нека почне да живее со 9000 денари месечно
- Реакција на Левица – Сектор Политичка Економија
Професорот Трајко Славески, поранешен министер за финансии и член на раководството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, тврди дека инфлацијата се забрзува и како последица на зголемувањето на минималната плата во претходните 6 години. Во една крајно контрадикторна изјава за телевизијата Алфа, Славески истовремено е загрижен и за опаѓањето на стандардот на живеење, но и за порастот на минималната плата.
Славески многу добро знае дека инфлацијата не е причина на порастот на минималните плати – напротив, порастот на минималните плати е последица на инфлацијата. Славески многу добро знае дека инфлацијата, која отпочна на светско ниво и во Еврозоната веќе достигнува рекордни нивоа, претходеше на најновото покачување на минималната плата, кое беше само млака реакција за да колку-толку се овозможи најнископлатените работници во Републиката да продолжат да преживуваат со истиот низок стандард со кој и живеаа пред инфлацијата.
Во ниту еден момент на економски раст и просперитет, ниту една Влада во претходните три декади ја нема зголемено минималната плата. Напротив, минималната плата ja зголемуваaт само во време на криза, кога работниците се принудени да ја притиснат власта – порано преку синдикатите, кои работничката борба ја остваруваат само во полето на економијата, а сега и преку Левица, која работничката борба ја проширува и искачува и на политичко ниво, против капиталистичкиот систем на експлоатација и подредената позиција на работникот во неа.
И токму ова го плаши Славески, кои своите буржујски интереси ги крие зад својата титула на професор, небаре економијата е фактичка наука и нема различни табори кои застапуваат интереси на различни класи во општеството. Славески, кој ревносно ги брани интересите на имотните класи: на буржуите, на олигарсите, на оние на кои им се ширум отворени портите да учествуваат во политичкиот живот на Републиката, зад својот „професорски кредибилитет“ и „научна непристрасност“ го крие сопствениот страв од фактот што работничката класа конечно има своја политичка партија која не само што ги застапува нејзините економски интереси, туку и на голема врата ги внесува работниците како субјект со агенс во политичкото. На Славевски му е страв од идеите што Левица ги пласира во Собранието и пред јавноста, но треба да знае дека ништо не може да ја спречи идејата на која ѝ е дојдено времето!
Левица и натаму ќе продолжи, комплетно пристрасно и определено, да ги застапува интересите на работничката класа и да промовира идеи кои економската борба за повисоки плати и подобри работни услови за работниците ќе ја издигне во политичка борба против подреденоста на работникот во капиталистичкиот систем на експлоатација! А секој еден, што како Славевски се плаши дека зголемувањето на минималната плата носи забрзување на инфлацијата, нека на себе ја примени онаа празна десничарска флоскула дека „промената започнува од самиот себе си“ и сам нека се откаже од сите свои примања над минималната плата од 9.000 денари (колкава што беше пред 2016 година).