(Видео) Богевски: Со еден советник ќе работиме како за десет

На доделувањето на Уверенијата за избраните членови во Советот на Општина Кавадарци, Круме Богевски, од редовите на Левица, во изјавата за регионалната КТВ-телевизија се заблагодари за дадената доверба и ги повтори заложбите на партијата, гарантирајќи транспарентно работење во корист на граѓаните.

Прво сакам да се заблагодарам на сите граѓани кои што ни го доделија овој мандат, иако само со еден советник, како што и иницијално наговестивме, ќе работиме како со десет советници. Не сум сам, овде се и другарите од нашиот огранок кои ќе се водат по принципите на непоткупливост и транспарентно работење! Ние сме служители на народот, такви ќе останеме. До сега информации се обидувавме да добиеме вонинституционално, сега главна цел ќе ни е да ги добиваме институционално и таму каде се забележува нетранспарентност да интервенираме и имплементираме транспарентно работење за народот да знае што се случува и на тој начин колку е можно да влијаеме на донесувањето на одлуките!

На новинарско прашање за тоа дали Левица ќе соработува со мнозинството или со останатите политички субјекти во Советот на Општината, советникот одговори дека Левица ќе ги поддржи сите предлози на било кој член на Советот или Градоначалникот на Општината во корист на граѓаните, но со транспарентна и принципиелна соработка, без задкулисни договарања!

Значи ние сме за принципиелни соработки со секоја една партија или политички субјект [во советот на О. Кавадарци]. Како со опозицијата, така и со власта, се додека е во корист на граѓаните (оние кои што ни го дале мандатот). 

Секое од тие принципиелни договарања и советувања ќе бидат транспарентни и пред народот! Ние ништо нема да правиме позади кулиси! Доколку постои некој договор, граѓаните ќе знаат за тоа!