АктуелноИнтернационално

Путин: Обидите на западните земји да ги заменат руските енергетски ресурси со алтернативни ќе влијаат на целата светска економија

Претседателот на Русија, Владимир Путин на состанокот за актуелната ситуација во секторот на нафта и гас изјави:

Руските енергетски компании се одговорни учесници на глобалниот пазар. Се докажаа со многу децении работа, строго исполнување на обврските.

Обидите на западните земји да ги истиснат руските добавувачи, да ги заменат нашите енергетски ресурси со алтернативни набавки неизбежно ќе влијаат на целата светска економија. Последиците од таквиот чекор можат да станат многу болни – и пред се за самите иницијатори на таквата политика.

Она што го истакна претседателот Путин како нелогично и изненадувачки, се одлуките на делување на овие „партнери од непријателски земји“, кои иако свесни дека немаат други заменски енергетски ресурси за Европа, тие сепак ја одбиваат руската испорака:

Што е тука изненадувачко? Самите таканаречени партнери од непријателски земји признаваат дека не можат без руските енергетски ресурси, вклучително и природниот гас, на пример. Сега едноставно нема неговата разумна замена за Европа. Да, таа е возможна, но сега отсуствува, сите го разбираат ова. На светскиот пазар едноставно нема слободни количини, а испораките од други земји – првенствено од Соединетите Американски Држави – кои можат да се испратат во Европа ќе ги чинат потрошувачите многукратно повеќе и значително ќе влијаат на животниот стандард на луѓето и на конкурентноста на европската економија.

И покрај овие работи кои се очигледни за сите, европските земји постојано зборуваат за одбивање на руските испораки, што дополнително го дестабилизира пазарот, и сами, со своите раце нагло ги зголемуваат цените, пред сѐ за своите граѓани.

Во своето обраќање, тој ја изрази и загриженоста за „зелената агенда“ која овие земји ја истакнуваат изминативе децении како исклучително важна во борбата со климатските промени, но сега делува дека ја занемаруваат еколошката катастрофа, која ќе се јави како последица на користење алтернативни извори за енергија:

Згора на тоа, тие се подготвени да заборават на нивната таканаречена зелена агенда и повторно да сметаат на производство енергија со таканаречениот висок јаглероден отпечаток, кое до неодамна сакаа целосно да го затворат, го нарекуваа архаичен и валкан. Многу политички сили ги изградија своите изборни кампањи врз еколошки слогани. Каде е сето тоа сега? Сè е само фрлено во ѓубре, тие во пракса делуваат сосема поинаку.