АктуелноЛокално

Достапност од здравствена услуга за секој граѓанин не е приоритет ниту на Министерот Беким Сали

  • Реакција на Политичката партија Левица.

До нашиот здравствен сектор, непрекинато пристигнуваат реакции од граѓани каде пишува дека има нови, енормно зголемени цени за здравствените услуги во државните клиники, што одат на терет на пациентите. Всушност, сега пациентите треба да платат и до четири пати поголема партиципација во споредба со претходните цени.

Во продолжение следува компарација на старите цени за партиципација со новите цени за услуги на Ј.З.У Универзитетски клиники – Гастроентерохепатологија:

-Гастроскопија со биопсија од 450,00 денари покачена на 550,00 денари;
-Гастроскопија со полипектомија од 450,00 денари покачена на 2.200,00 денари;
-Колоноскопија со полипектомија од 550,00 денари покачена на 2.200,00 денари.

Ова сe само дел од измените на Клиника, каде за директор сè уште е назначена Проф. д-р Калина Гривчева Старделова – член на СДСМ, која се соочуваше со судир на интереси, а сè уште е на две функции, како директор на клиниката ЈЗУ УК Гастроентерохепатологија и претседател на Лекарска комора. Истото покачување на цените за здравствени услуги се одвива моментално и на останатите оддели на Клиниката.

Министерот за здравство Беким Сали, наместо поевтинување и поголема достапност на услугите за секој граѓанин – сервира услуги со неколку пати повисока цена, а граѓаните секојдневно се поразочарани.

Достапните лекови, што се на товар на Фондот за здравство, се исто така со зголемена партиципација, а воедно истите тие се со помал тераписки ефект, за разлика од оние кои се купуваат на приватно, односно се лекови од постара генерација.

Покрај пораките што стигнуваат до нашиот Здравствен сектор, постојат низа реакции од граѓани по социјалните мрежи, кои се жалат на зголемувањето на партиципацијата на услугите кои ги нуди Итната медицинска помош. Пациентите кои имаат здравствено осигурување се третирани како приватни пациенти, а за дадената услуга им се наплаќа 100%, а не само партиципација.

Со континуираното покачување на цените за услуги од сервис, што треба несомнено да им служи на граѓаните, новиот министер за здравство Беким Сали oвa ќе го претвори вo голготa на обичниот работник кој одвај опстојува со минималната плата, наместо министерот да се стреми кон поквалитетна здравствена заштита за сите граѓани на Република Македонија!