Во Македонија нема стратегија за спорт
Пишува: Наташа Стефановска – член на Централниот комитет на политичката партија Левица
Сведоци сме на радоста која ја доживеавме со победата на македонските фудбалери над Европскиот првак и одличната игра со Португалија во баражот за влез на Светското првенство во фудбал.
Македонскиот спорт бележи значајни резултати и во минатото, како на пример, Олимписките медали во индивидуалните спортови кои нѐ претставувaa на Олимписките игри. Но, не само што нѐ претставуваат, туку и остваруваат навистина импозантни светски и европски резултати. Тука се и успесите на ракометарите и успесите на кошарката кога машката кошаркарска репрезентација заврши 4-то пласирана на Европското првенство.
Клупските шампиони Кометал и Вардар исто така во ракометот остварија нешто што досега било незамисливо за Македонија.
Но, зошто се задоволуваме со тоа: “Добро е стигнавме до некаде?“ Зошто не сме мотивирани и поддржани додека сме во врвот, се да стремиме кон повеќе?! Зошто, кога веќе сме стигнале на некое високо ниво во Европа и светот ние повторно се враќаме назад?
Проблемот е во системот. И тој проблем се гледа откако некоја спортска екипа, тим или индивидуалец спортист ќе стигне до одличје.
Имено, државата нема ниту систем ниту желба да ги искористи овие шампионски титули, искуството на тренерите и искуството на спортистите и тие резултати да продолжат во нагорен тренд, преку спој на знаење, науката и финансиите во спортот поддржани од институциите како што се Агенција за млади и спорт (АМС) и Македонскиот Олимписки Комитет (МОК).
Така, поголем процент од репрезентациите коишто имале успеси во минатите години сега стагнираат или уште полошо – назадуваат. Во Македонија се е обратно пропорционално кога се работи за поддршката на спортот. Во делови од државата нема основни услови за да може да се практикува спорт. Каде е државата да поправи и изгради нови објекти за услови на спортот во државата? Зошто не се поправат и доопремат спортските сали за вежбање во општините низ цела држава? Каде да тренираат нашите деца? Сведоци сме како спортската сала на УКИМ пропаѓа и никој не превзема ништо за санирање и за употреба на истата!
Левица се залага за укинување на концесиите врз спортските објекти и нивно редовно одржување и функционалност од страна на државата. Со тоа, ќе се создаде спортска основа за тренинг на најмладите.
Како долгогодишен професионален спортист сведок сум дека иако спортот е само за најупорните и најистрајните, во Македонија има и многу препреки кои треба сами да ги надминеме, а дали и тогаш ќе успееме да дојдеме до целта е прашање на среќа.
Системот во спортот е донесен на најниско можно ниво. Спортистите, клубовите и федерациите се мачат со финансиите, додека политиката е навлезена во секоја пора на спортот. А да не зборуваме за “врските” во спортот, кои се недозволени.
Очекуваме спортистите и клубовите да имаат успеси, а истите немаат основни услови за тоа!
Доволно е само да ги погледнеме програмите во соседните држави. Тие вложуваат во спортот преку веќе утврдена стратегија како треба да изгледа спортот, предвидени идни успеси во спортот за наредните 10-20 години, план и програма од олимписките сојузи кои ги вклучуваат најдобрите во еден олимписки циклус, што кај нас воопшто не е случај. Компаративно гледано во последните два Олимписки циклуси во Србија, Бугарија па дури и во Косово, освојувачите на олимписки медали ги повторуваат своите успеси, а нови екипи и индивидуални спортисти од истите држави носат нови медали. Така тие ги мултиплицираат нивните олимписки медали и стануваат дел од историјата на спортот во светот.
Да не зборуваме за земји како што се Турција, Италија, Шпанија каде професионалните спортисти уживаат права како вработени лица, истите имаат право на здравствено и пензиско осигурување и се вработени во државните институции како што се војска и полиција. А колку сме пак далеку од државите во Азија каде буквално за секое дете од најрана возраст е критериумски определено во кој спорт би ги истакнало своите квалитети.
Целиот систем во Македонија е трул. Засегнатите во спортот се соочуваат со ситуации каде мора да избереш дали да се откажеш од вложување во спортот поради лошите услови, или и натаму да се жртвуваш и да даваш сѐ од себе со цел да успееш. И, да претпоставиме дека ќе успееш. Државата ќе те награди еден период, или еднократно, за сликање и политички поени и потоа молк.
Левица се залага за правата кои спортистите, спортските работници и клубови треба да ги имаат во државата.
Спортистите се најдобрите амбасадори на една држава. Спортот се заснова на научни истражувања, спортска методологија, спортска статистика и со практикување на спорт се подобруваат, како физичките така и психичките способности на една личност.
Во изработка на една нова издржана стратегија за спортот, треба да учествуваат најдобрите, преку институциите надлежни за спорт со најдобрите експерти и подготвена инфраструктура за спортување.
Спортскиот сектор на Левица подготвува план и стратегија како сето тоа треба да изгледа. Стратегија која има за цел да се подигне спортот на нивото на кое треба да биде во едно општество, кое во Македонија сѐ уште не е достигнато.