Левица поднесе предлог-закон за зголемување на посебниот додаток на децата со попреченост за 100%

  • Соопштение на Левица – Социјален сектор.

Пратениците на Левица во Собранието на Република Македонија, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, вчера поднесоа Предлог закон за измена на Законот за заштита на децата, со кој што предлагаат 100% зголемување на посебниот додаток за децата со попреченост.

Родителите на децата со попреченост, вчера одржаа протест пред Владата и пред Собранието на Република Македонија и беа примени од пратеникот Борислав Крмов на кој што му ги истакнаа своите проблеми, особено потенцирајќи дека износот на посебниот додаток е многу низок и истиот не ги задоволува ниту основните потреби на овие деца.

Моменталниот износ на овој надоместок изнесува 5.021,00 денари и од тие причини сметаме дека овој додаток треба најмалку двојно да се зголеми.

Родителите на децата со попреченост неодамна имаа средба и со Министерката за труд и социјална политика Тренчевска, но истата не покажала разбирање за проблемите на овие родители.

Левица го поднесе Предлог законот за зголемување на посебниот додаток во Собранието, а сега на потег да дадат подршка и да гласаат за измените се и пратениците од останатите политички партии во Собранието на РМ.


Во меѓувреме Левица работи на уште неколку предлог закони кои се однесуваат на лицата со попреченост.