Странска војска во Македонија и вовлекување во војна – Придобивки од НАТО

  • Реакција на Политичката партија Левица

Владините мегафони непрекинато пропагираат за наводните придобивки од против-референдумското вовлекување на земјата во воената алијанса НАТО, кое заврши со промена на уставното име, разбиен идентитет, дополнителна приватизација на јавните добра и целосно изгубен национален дух – со што земјата се претворија во протекторат на воената организација.

Замајувачите на здраворазумното размислување од СДСМ и ДУИ денес само докажуваат дека лагите за сигурност, безбедност и економски просперитет се само безлично промовирање на промашена и погубна политика која резултира со вазалски подредена надворешна политика, која земјата ја вовлекува во непотребни конфликти додека во државата маршираат туѓи империјалистички чизми!

Сето ова, од една страна го потврдува ОДЛУКАТА на Владата од пред неколку дена со која се дозволува над 1 200 странски војници да оперираат низ земјава во наредниот период, додека пак од друга страна Министерката за одбрана практично најавува веројатност за испраќање на дополнително оружје од скромните и испразнети капацитети во Украина.

Согласно меѓународното обичајно право, земјите кои даваат било каква помош на една од завојуваните страни (од информации до оружје) се сметаат за страна учесничка во конфликтот. Следствено на ова, Левица како и најголемиот дел од македонскиот народ, апелира за политиката на невмешување во конфликти и воена неутралност кои се единствениот начин што државата ја заштитува од вовлекување во конфликт.