Интервју: Сенада Ибраимова – носител на Левица во ИЕ-6

Сенада Ибраимова – носителка на кандидатската пратеничка листа во ИЕ 6 на Левица – дипломирана новинарка на факултетот за Комуникации при Универзитетот „Еге“ во Измир, Турција. Активист во Движењето за социјална правда „Ленка“, еден од иницијаторите за формирање и основач на политичката партија Левица. Покрај политичкиот активизам во организација, работела како новинарка, била дел од неколку филмски продукции на документарен филм со социјални теми, како асистент на режија, фотограф и сценарист, а работи и превод на литературни дела од турски на македонски јазик. Родум е од Штип, а живее и работи во Скопје.


Родена во Штип, студираше во Турција, а живееш во Скопје и си дел од политичката партија Левица и еве носител на кандидатска листа во ИЕ6, може ли малку повеќе околу ова?

Да, родена сум во Штип и како трето дете на двајца стечајци, од кои еден тогаш штотуку починат, по завршување на гимназија немав прилика ни до Скопје да отидам, а камо ли да студирам тука. Единствена опција ми беше да конкурирам за скромна државна стипендија која ја нудеше Турција преку нивната амбасада во Скопје, прво бев примена на едногодишен интензивен курс по турски јазик во рамките на универзитетот во Анкара, а откако успешно го завршив го положив и државниот испит за на факултет и бев примена на факултетот за Комуникации во „Еге“ Универзитетот во Измир, кадешто ги завршив студиите на отсекот новинарство.

Што се однесува до политичката идеологија, која ја има Левица – односно идејата за една таква левичарска работничка партија, ми е блиска уште од мали нозе, од деведесетите, кога тогашната власт предводена од СДСМ почна да ги распарчува државните фабрики, меѓу кои и фабриката „Македонка“, кадешто работеше мајка ми и заедно со илјадници работници ги оставија на улица и секако гледајќи како таа, и многу други жртви на промената на системот се мачеа низ годините да не’ изведат на пат – нас децата на транзицијата. Оваа идеја – за политичко организирање само растеше и се развиваше во мене во текот на студиите, кадешто рамо до рамо со другарите од Турција, на улица, на протест, во организација, или на самиот факултет, на различни начини ја водевме битката против неправедниот систем.

Како од новинар до политичар, нели се косат тие две професии?

Не, напротив. Како прво, политиката не е професија, елитните претставници на буржоаските партии направија тоа да биде така, па дури своите партии си ги користат како претпријатија – корпорации. Партијата, односно организацијата, мора да служи во име на народот и идејата за радикална промена на системот – во кој човекот е најголемата вредност. Оттука, политичкиот активизам (а не професија), и покрај секојдневните егзистенцијални потреби и ризици на самиот активист, мора да даде жртва за општото добро и за каузата во која верува и кон која стреми таа организација. А што се однесува до мојата формална професија – новинар, ќе го цитирам слоганот на еден турски печатен весник – „Да мислиш, значи да завземеш страна“. Јас мојата страна си ја одбрав уште за време на студиите. Благодарна сум што имав прилика да запознаам искрени, чесни и борбени луѓе таму, вклучувајќи го и мојот драг Учител, професор Д-р, Хилми Мактав, кој безрезервно и ден денес морално ме поддржува во она што го правам. Уште повеќе сум благодарна што, кога се вратив од студии и кога мислев дека тука не постои никаква организација идеолошки блиска до мене, на еден првомајски протест пред десетина години ги запознав другарите од Движењето за социјална правда „Ленка“, Димитар Апасиев и Реџеп Исмаил (Хактан) и се приклучив во движењето, а тоа е само доказ дека сепак сме насекаде, идејата се пренесува, а сега е време и да го направиме првиот чекор, за истата да се реализира, од внатре од институциите да го срушиме овој трул систем и да изградиме нов – каде човечкиот труд ќе биде достоинствено вреднуван.

Дали си имала прилика и мотив за приклучување кон некоја друга политичка партија пред Левица?

Како што кажав претходно, сум била дел од левичарски здружувања за време на студии, но не сум била член ниту активист на ниту една политичка партија. Во Левица сум уште кога се роди идејата за едно такво организирање и сметам дека пред тоа не ни постоела друга партија чиј дел би била јас.

Главно мнение меѓу народот е дека, штом некој влезе во Парламент, станува друг човек, односно се менува. Што би променила Сенада кај себе доколку стане пратеник?

Точно е дека луѓето често ја користат таа фраза – „ќе видиме кога ќе влезете, нема да бидете исти“, но, точно е и дека досега немало никого од нас во Парламент, знаеме 30 години кој си ги менува фотељите. Да бевме луѓе што се купуваат, уште на претходните избори ќе имавме неколку пратеници, кога Заев ни’ нудеше коалиција, или ќе бевме дел од нивните „партии – корпорации за вработување“. Нашата цел е подолгорочна, не е ниту за еден мандат, ниту за функција. Ние ја формиравме партијата за суштински промени. Колку и пратеници да влезат од Левица, тоа ќе значи воведување на нов, искрен, автентичен политички дискурс, дебата и аргументација, а оттука и сосема нов систем на политички вредности, насочени кон заштита на општото добро и јавниот интерес.

Зошто на Парламентот, односно на народот му треба Левица?

Затоа што државата треба да биде ЗА народот, а не за елитите кои 30 години животот ни’ го крадат.

Освен политичкиот ангажман, што друго прави Сенада во секојдневниот живот?

Во последно време немам многу слободно време, ама кога успевам да се искрадам од Скопје, одам кај баба ми и дедо ми во село, струмичко, да ги посетам и да им помогнам за нешто ако треба, и таму ми се полни душата. 

Левица не е нова Партија, имено учествувавте и на претходни избори како парламентарни така и локални, додека на Референдумот водевте кампања за Бојкот, односно против промена на името на државата. Сведоци сме дека периодов, односно периодот пред поднесувањето на кандидатските листи за овие избори се оформија неколку нови мали партии, чии дури имиња не и се познати на јавноста. Како гледате на оваа појава? Што за вас значи формирање на толку нови партии (токму пред избори) на еден вака мал по жители простор? 

Самиот факт што креаторите на тие нови партии се директно, или индиректно ликови од СДС/ДПНЕ, кажува дека се работи за испостави на овие партии, односно во нив се луѓе со политичко-криминален багаж и се токму креирани за да го распрскаат гласачкото тело. Иако, некои од нив користат манипулативна реторика дека се за работнички права, или за Македонија и.т.н., сепак кога ќе се отиде подлабоко во конструкцијата, се гледа дека тие немаат ниту своја идеологија, ниту некој континуитет во некаква борба. За разлика од нив, Левица е доследна во своите ставови и идеји, а доказ за тоа се и илјадниците пораки за поддршка, а и за помош кои ги добиваме од работниците, посебно изминатиов период, кога имаше енормни отпуштања од работа, кадешто Левица со свои ресурси се вклучи во одбрана на правата на овие работници, а секако треба да се спомне и дека сме најбрзорастечка партија, која народот секојдневно ја препознава и се приклучува во заедничка борба, како против внатрешните узурпатори, така и против странските влијанија, пред се’ тука мислам на воениот пакт НАТО. Впрочем, ова и евидентно се покажа на неуспешниот референдум, преку Бојкот, став кој го имавме и ние како партија. Освен што бевме на цврст став против промена на името, исто така водевме кампања против влез во воениот пакт НАТО. Поради овие причини, јас ги повикувам сите искрени и чесни луѓе да се приклучат во оваа борба, да излезат на 15 јули и да го дадат својот глас за единствената опција во Македонија изминативе 30 години. Не ветуваме промена преку ноќ, но и не се откажуваме од овој долг и макотрпен пат. Како што кажал поетот на револуцијата Назим Хикмет Ран – „Најубавите денови се оние кои се’ уште не сме ги проживеале“.