П(отп)латено новинарство

Денес Левица одржа прес-конференција. Кажаа што имаат да кажат, поделија што имаа напишано, во случај некој да не ги разбрал или пак да пишува статија на недоразбрано излагање. Настрана од прес-конференцијата, мене друго ми остави впечаток. Квази-новинарството, по кој знае кој пат, ми покажува каква слобода на медиумите впрочем постои денес.

Го читам насловот на А1он и се прашувам што ги натерало овие платени новинари да го сублимираат целиот прес во реченица која што никој не ја ни спомнува. „Левица ги оправдува протестите пред домовите“ (без прашалник, како што сме навикнати да има во насловите кои се обидуваат да изградат сторија околу непотврдена вистина) ја краси статијата, со големи букви, бидејќи знаеме дека кај нас само наслови и се читаат.

Не разбирам дали некој би поверувал на овој наслов, а уште помалку можам да разберам на што мислеле тие новинари кога го напишале. Добро бе, мајкуму стара, нели тие платени беа да се концентрираат на слушање на зборови – ете и снимиле видео запис. Не се бараше од нив критички осврт, детален преглед на општеството, анализа на случувањата. Се бараше да го пренесат тоа што го слушнаа. Толку. Каде им одлетал паметот?

Ваљда денес ги удри студениот бран (читај: Русите се криви), а Левица не ги послужила со кафе-мафе за да се разбудат. Може мислеле на некои поважни личности во државата од овие обични левичари, и за нив си ја чувале силата. Може мислеле на Коѕиас и неговите пет (со бројка 5) предлог имиња. А до пет и чавките знаат да бројат, а не пак новинарите од А1он.

Шегата настрана, вистината е поинаква и боли. Тридецениска деградација на професијата новинар со мизерни плати, ужасни хонорари и пазарна економија пар екселанс ја овозможи оваа репродукција на медиокритети кои не знаат да напишат аналитички текст, од повеќе извори, со богат јазичен фонд, со почеток, расправа и крај. Независноста е ионака илузија, но тенденциозноста веќе не е ни суптилна. Навистина е тешко да се остане новинар!

За крај споредете ги насловите на ист настан, иста кажана работа, во два провладини медиуми.

Алек Атевиќ