Лавров: Западот делува во насока на загрозување на мировните преговори помеѓу Русија и Украина

Провокацијата“ во Буча се случи кога Киев имаше намера за прв пат писмено да ги соопшти можните услови за примирје, вели официјална Москва. Вчера, министерот за надворешни работи на Русија, Лавров, осврнувајќи се на овој случај подвлече дека Западот шири хистерија околу наводни масовни убиства во украинскиот град Буча, се’ со цел да наштети во процесот на мировните преговори помеѓу Москва и Киев. 

Според Лавров, Киев во текот на преговорите со Русија, за прв пат писмено ја доставил својата подготвеност да се сложи со тоа Украина да биде прогласена за воено неутрална, неприврзана кон ниту еден блок и не-нуклеарна. Па дури и уште повеќе од тоа, забележува Лавров, кој вели дека Украина го официјализирала и одбивањето да биде распределено оружје на странски држави на нејзина територија или пак да спроведуваат било какви вежби на таа територија со учество на странска војска а без согласност на сите земји гаранти на евентуалниот иден договор, кој би ја вклучил и Русија.

Безбедносните граници дефинирани со еден ваков договор, целосно би ја отфрлиле експанзијата на НАТО кон исток и би обезбедиле „неделлива безбедност на европскиот континент“, смета Лавров, и додава дека самата украинска страна во нацртот на главните одредби од договорот, забележала дека овие безбедносни гаранции нема да важат за Крим и Донбас, чин што Лавров го нарече „напредок“.

„Уште еднаш сакаме да ги повикаме оние кои ги водат и насочуваат постапките на Киев, а знаеме кои се тие, сепак, сериозно да ја препознаат својата одговорност за безбедноста во Европа. Русија е подготвена за овој разговор, но, за нас е важно да имаме реален напредок, а не само декларативен напредок, инсистираме да се испрати недвосмислен сигнал до Киев да не се впушта во саботажа, во спротивно ризикуваме да ја повториме судбината на договорите од Минск, со што ние никогаш нема да се согласиме на тоа“, изјави министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.