Туризмот во новиот општествен систем – демократски социјализам

  • Пишува: Никола Петров, Координатор на Левица – Сектор Туризам.

I. Туризмот и државната политика

Туристичките движења во неолибералното капиталистичко општество станаа привилегија на урбаните високи и средни класи на индустријалци, трговци, шпекуланти, профитери и бирократи.

Колективните патувања на годишен одмор или  излет, организирани за и од работничката класа, земјоделците, селаните, студентите, социјално загрозените слоеви на општеството, станаа непознати во сегашното капиталистичко општествено живеење. 

Забрзаната индустријализација требаше да ја следи во чекор претпоставената потреба за опуштање, физичка и ментална рехабилитација на работничката класа во текот на слободното време и одморот. 

Државата како колектив има обврска за обезбедување на клучните услуги за благосостојба на граѓаните, како здравство, образование, одржување на доходот, лични и социјални услуги. 

Основната идеја за реформа на капиталистичкиот систем е содржана во распределбата на доходот по пат на даноци, со цел да се постигне поголема социјална сигурност и благосостојба на граѓаните, во сферата на образованието, здравството, културата, обезбедување на целосна вработеност, контрола на цените, обезбедување на основните животни намирници како и туризмот за сите. 

II. Природната средина и туризмот

Културата на напредокот и начинот на кој ние сме склони да ја разбираме природната средина, доведоа до нова слика за односот меѓу општеството и животната средина. Преголемата и пребрзата индустријализација, урбанизација и напредок, континуираните проектирани економски растови во економиите по секоја цена, кои се засновани на животниот простор и ресурсите, немаат своја одржливост во иднина. Во моментот кога тие ќе ја достигнат својата точка на заситеност, ќе се бараат нови предизвици. 

Луѓето постепено ќе се соединуваат со природата, и ќе почнат да живеат, ќе ја користат но не искористуваат, ќе осознаат дека животот во иднина може да продолжи не благодарение на повисоки згради, поскапи автомобили, поголеми фабрики, туку благодарение на почист воздух, незагадена почва, бистра вода, изобилие на флора и фауна, здрава исхрана.

Појавата на новиот вид на туризам, еколошкиот туризм, е еден од најбрзо растечките сегменти на туристичката индустрија, а екотуристичките патувања стануваат се повеќе популарни. Тој се базира на одговорно искористување на природата и служи како инструмент за одржлив развој. 

За развојот на туризмот во новото демократско социјалистичко општество ние можеме да зборуваме само и исклучиво во услови на зачувување на животната средина и одржување на благосостојба на населението  преку вклучување на сите во туристичките движења.

III. Социјален туризам или туризам за сите

Како што веќе погоре спомнавме, капиталистичкиот начин на живот, социјалната нееднаквост и сиромаштијата доведоа да многу семејства неможат да си дозволат туристички патувања и одмори претежно поради финансиски причини.

Ако туризмот претставува интеракција, неговото отсуство доведува до зголемување на социјалните разлики помеѓу групи, народи, класи или раси.

Социјалната комуникација претставува еден од основните елементи на општествената кохезија. Способноста на човекот да комуницира на еден специфичен начин во својата заедница е фактор на остварувањето на неговата хумана содржина. Така комуникацијата се одвива на локално, регионално, државно и светско ниво.

Последниве 30 години од овој систем, кој значи либерализација, приватизација, флексибилност, дерегулација, настанаа големи поделби во општеството, како во економските така и во социјалните сегменти. Во социјалните сегменти се подели здравството, образованието, културата, науката, на приватни и државни.

Одеднаш и туристичкиот сектор стана доминантно приватен, односно комерцијален, но се поделија и туристите, на тие кои имаат вишок пари и слободно време и можат да си го дозволат туризмот, односно одмор и патување, и тие кои немаат доволно пари и слободно време и неможат да си дозволат или не им се дозволува одмор или патување. Туристичкиот производ стана луксузно, капитално добро, тој не треба да биде достапен на сите. Тоа е реалноста денес. 

Социјалниот туризам бил карактеристичен во периодот на социјализмот во СФР Југославија, додека со преминот од социјалистичкиот систем во неолибералниот капиталистички систем при крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите, тој е уништен, занемарен, заборавен, како и многу други наследени придобивки од претходниот систем. После Втората Светска Војна, а посебно со почетокот на 60 тите години, граѓаните, работниците, платениот годишен одмор почнуваат да го сфаќаат како свое право кое е поврзано со животниот стандард во Европа, така да одморот станува дел од новиот општествен договор.

Меѓународната организација на работниците 1970 г. со Конвенцијата 132 препорачува платениот годишен одмор да трае од најмалку 3 недели, но многу земји тогаш веќе дозволуваа и 4 недели платен годишен одмор. Овие услови станаа камен темелник на послевоената туристичка индустрија бидејќи паролата „туризам за сите“ не подразбирала само со закон загарантирано право, туку и можности за патувања.

Спроведувајќи таква политика владите тежнееле кон јакнење на социјалната и националната хармонија. Масовноста била повеќе од потребна, а доколку граѓаните не биле во можност да си дозволат комерцијално сместување и така да станат туристи, државата, синдикатите и другите организации на разни начини го потикнувале системот на социјалниот туризам чија клучна предност биле пониските цени.

Според „Закон о меѓусобним односима радника у удруженом раду“, Сл, 22 (1973), одморот е ограничен од 18 до 30 денови. Тоа е годината кога Југославија ја ратификува Конвенцијата 132 со „Закон о ратификации Конвенције број 132 Меѓународне организације рада о платеном годишњем одмору“, Сл, 52 (1973), кога годишниот одмор се воздигнува на уставно загарантирано право со кое работодавачите мораат да го дават, а работниците не смеат да го одбијат. Со овие правни одредби е зацртано дека никој одморот не смее да го помине дома, така југословенскиот животен стандард и економската развиеност овозможуваат одлично опкружување за социјален туризам.

Системот на социјален туризам бил заснован на две главни основи:

1.Првото е паричните олеснувања, како снижени цени и регрес за годишен одмор,

2.Второто, капацитетите за сместување, работничките одморалишта или домовите за одмор.

Домовите за одмор после војната често се сместени во национализиран имот, како приватни вили, хотели, имоти, во кои порано се разонодувала само високата буржоаска класа. Следејќи ја идејата за развој на социјалниот туризам, државата управувањето на овие објекти го препуштила на синдикатите, сојузните и републичките министерства, војската, масовните организации и задругите, то ест на самоуправување на работниците. 

Со преминот во новиот милениум, одморалиштата на работниците се прогласуваат за нелојална конкуренција на туристичкиот бизнис. Во образложението на предлогот на Законот за угостителска дејност од 2006 година се вели дека „функцијата одморалишта како социјални категории, кои со важечкиот закон се уредуваат како објект, е одбиена со измената на законот од 2001 година со пропишување дека само угостител може да обезбеди угостителски услуги во нив, дека таквите постојни капацитети треба да бидат целосно комерцијализирани.

Денес Социјалниот туризам се дефинира како секоја туристичка активност која има за цел на сите обесправени и маргинализирани општествени слоеви да им осигура темелно човечко право на одмор и разонода, според член 24 од Општата декларација за човекови права на ОН. Светската туристичка организација UNWTO усвојува документ под име Глобални етички кодекс за туризам во кој, во членот 7 се дефинира „сеопшто право на туризам“ кое е природна последица на фундаменталното човеково право на одмор и разонода, загарантирано со членот 24, (UNWTO, 2001).

Потребата од практикување на социјалниот туризам е голема и значајна како за младите луѓе, работниците со ниски примања, пензионерите, маргинализираните групилуѓе, така и за државата во целина.

Со социјалниот туризам добиваме зголемена социјална интеракција и комуникација меѓу луѓето, а посебно на социјално исклучените групи на луѓе. Бидејќи државата по Устав се дефинира како социјална, таа е должна да го почитува Уставот и да го овозможи фундаменталното право на одмор и рекреација за сите нејзини граѓани.

Со исклучок на денешното капиталистичко општество каде што имаме само приватен, комерцијален туризам, во новото демократско социјалистичко општество, државата ќе биде должна да обезбеди и општествени, државни туристички капацитети кои ќе нудат прифатливи цени и услови за „туризам за сите“, односно социјален туризам.