АктуелноИнтернационално

„Фашизам 2.0: актуелни предизвици за меѓународната безбедност“

  • Пишува: Дарко Тодоровски – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар

На 16 март, Псков беше домаќин на Меѓународната научна и практична конференција „Фашизам 2.0: актуелни предизвици за меѓународната безбедност“. Конференцијата беше организирана од Министерството за наука и високо образование на Руската Федерација, Државниот универзитет Псков, Здружението на историчари на сојузната држава (Русија и Белорусија) „Синдикална иницијатива за меморија и согласност“, Фондацијата „Историска меморија“ и Фондација за промоција на веродостојни историски истражувања „Веродостојна Историја“. На конференцијата  учество зедоа научници, експерти, историчари од Финска, Белорусија, Македонија, Јужна Кореја. Домаќинот Русија ја претставуваа историчари од Москва, Санкт Петербург, Волгоград, Улјановск, Хабаровск и од Псков.

Ми беше задоволство да земам учество онлајн преку платформата Zoom на конференцијата како единствен претставник од Македонија и Балканот. Темата на мојот настап беше:

„Заканите од политиката на двојни стандарди на Западот во оценувањето на активностите на деструктивните националистички структури по примерот на Косово и Метохија и Македонија“

Ние на Балканот најдобро на своја кожа ја почувствувавме и ја чуствуваме лицемерноста и двојните стандарди на Западот и ден денес. Поддршката од страна на Западот за националистите во Југославија имаше големо влијание за крвавиот распад и војните на територијата на Југославија. САД и НАТО за време и после распадот на Југославија ги искористија потомците на соработниците на Хитлер и Мусолини во Втората Светска Војна, за да ги остварат своите геостратешки цели на територијата на поранешна Југославија. На Балканот сите го паметиме крвавиот распад на Југославија, како и бомбардирањето на СР Југославија во 1999 година.

САД и НАТО без одлука на Советот за Безбедност на ООН 78 дена ја бомбардираа Југославија во 1999 година. САД и НАТО тогаш свесно го прекршија меѓународното право. А во 2008 година, и покрај Резолуцијата 1244 на Советот за Безбедност на ООН, САД и Западот ја прекршија истата и го признаа Косово, кое од тогаш функционира како квази држава.

После 1999 година и покрај присуството на силите на КФОР на Косово, српското население постојано е изложено на разни напади, прогони. Во 2004 година беа уништени и оштетени огромен број на православни цркви, манастири, како и домови и бизниси на српското население. Од 1999 година па до 2020 година, повеќе од 300 000 Срби беа принудени да ги напуштат своите домови и огништа на Косово засекогаш. НАТО тврдеше дека во 1999 година интервенирал воено за да го спречи геноцидот против албанското население на Косово, но ниту НАТО, ниту КФОР потоа не го спречија геноцидот против српското население.

Во 2001 година во Македонија се случи вооружен конфликт, кој што беше на работ да прерасне во граѓанска војна. И покрај тоа што почнувајќи од 1999 година на Косово беше разместен огромен контингент на КФОР, во 2001 година терористички групи од Косово започнаа да изведуваат напади и да воспоставуваат контрола над одредени територии на границата помеѓу Македонија и Косово. КФОР на никој начин не се трудеше да го спречи тоа. Под притисок на САД и ЕУ, Македонија во август 2001 година се согласи на преговори и на крајот беше потпишан Охридскиот рамковен договор. САД и ЕУ ја принудија Македонија да го спроведе до крај договорот, и покрај тоа што истиот е негативен за Македонците е на крајот ќе доведе де факто до федерализација на Македонија.

Но, за да се разбере зошто се случи бомбардирањето од страна на САД и НАТО против СР Југославија во 1999 година, како и воениот конфликт во Македонија во 2001 година, потребно е да се вратиме во периодот пред и за време на Втората Светска Војна. Истите тие што во Втората Светска Војна беа на страната на Нацистичка Германија, Фашистичка Италија, во 1999 и во 2001 година беа поддржани од САД и од НАТО, на Косово и во Македонија. Во 1939 година во Албанија е формирана организацијата „Бали Комбетар“, која што имала фашистичка и нацистичка идеологија и главна цел на оваа организација било создавањето на Голема Албанија, која покрај Албанија, во себе би ги вклучувала териториите на Косово, делови од западна Македонија, делови од јужна Црна Гора, како и делови од Грција.

Во Втората Светска Војна балистите се приклучиле кон силите на Оската, војувале на страната на Нацистичка Германија и Фашистичка Италија. Балисти учествувале заедно со единиците на Вермахтот во борбата против партизаните и палењето на селата во Албанија, Косово, Грција и Македонија. Членовите на организацијата служеле во германски воени единици како 21-та СС дивизија „Скендербег“, баталјонот „Љуботен“ и полкот „Косово“. Балистите биле познати по својата свирепост и бруталност, како и по многубројните воени злосторства на територијата на западна Македонија, Косово и делови од Грција. И по завршувањето на Втората Светска Војна балистите не се предавале и пружале силен отпор. Но, во 1947 година истите биле воено поразени и разбиени и голем дел од преостанатите балисти добиле азил и емигрирале во Западна Европа и во САД.

Својот настап го завршив со спорот помеѓу Македонија и Бугарија, поради кој што Македонија не може да ги почне преговорите со ЕУ.

„Истата онаа Европска Унија, која што се залага за човекови права, за почитување на меѓународното право и дека сите држави се еднакви, отворено застана зад Бугарија и нејзините нерационални и националистички барања во однос на Македонија. Бугарија отворено бара од Македонија да се откаже од историјата во периодот на Втората Светска војна, историја во која што Македонија била на праведната страна, на страната на победниците, а Бугарија беше на страната на поразените. Врз победата на македонските партизани во Втората Светска војна се удрени темелите на современа Македонија. Доколку Македонија се откаже од својата светла страница од историјата, подлегне под притисокот на ЕУ и на Бугарија и прифати дека Бугарија не била окупатор во Втората Светска војна, туку била администратор, тоа ќе биде евидентен пример за препишување на историјата и за нејзина фалсификација. Но тоа нема да помине по никоја цена“.

За време на конференцијата, експертите разговараа, дискутираа и одговараа на прашањата на присутните за историјата на фашистичките организации во различни земји во светот, обидите да се ревидира и фалсификува историјата за периодот на Втората Светска војна во Европа.  Беше решено да се пристапи кон заедничка борба против ревидирањето и фалсификувањето на историјата и по секоја цена да се сопри глорификацијата на нацизмот ширум светот, како и неговото воскреснување. Беше решено во иднина да се оддржат повеќе вакви конференции на истата тема, како и да се пристапи кон разработка на разни стратегии за борба против фалсификувањето на историјата.


[1] https://www.youtube.com/watch?v=QuZE8jZJEos


[1] https://arch.pskgu.ru/page/94bcbb38-ab08-4018-b1dd-d588dd4b8aeb

[2] https://arch.pskgu.ru/page/94bcbb38-ab08-4018-b1dd-d588dd4b8aeb