Во одговор на Гордан Стошевиќ: Сороспиите први ќе побараат дуче

Гордан Стошевиќ треба да биде спокоен: нема опасност од фашистичка држава затоа што македонскиот капиталистички поредок не е загрозен, ниту економски, ниту политички, барем засега. Но, во какви околности секогаш по правило се појавува фашистичка држава?

Во летото 1933 година, непосредно по „Првите 100 дена“ на Рузвелт, најбогатите американски бизнисмени биле во паника. Било јасно дека Рузвелт имал намера да изврши масовна прераспределба на богатството од богатите до сиромашните. Рузвелт морал да биде запрен по секоја цена. Одговорот бил воен удар. Требало да биде тајно финансиран и организиран од водечки офицери на империите Морган и Ду Понт. Ова вклучувало некои од најбогатите и најпознатите имиња на Америка во тоа време: Irenee Du Pont, Grayson Murphy, William Doyle, John Davis, Al Smith, John J. Raskob, Robert Clark, Gerald MacGuire.

Заговорниците се обиделе да го регрутираат генералот Смедли Батлер за да го предводи пучот. Тие го избрале затоа што тој бил воен херој кој бил популарен кај трупите. Заговорниците сметале дека неговата добра репутација е важна за да ги натераат војниците да се чувствуваат уверени дека ја прават вистинската работа со тоа што би собориле демократски избран претседател. Сепак, ова било грешка: Батлер бил популарен кај војниците затоа што се идентификувал со нив. Односно, тој бил човек од народот, а не елитата. Кога заговорџиите му пристапиле на генералот Батлер со нивниот предлог да го предводи пучот, тој се преправал дека ќе го поддржи планот во прво време, тајно одлучувајќи да го предаде на Конгресот во вистински момент.

Она што го предлагале бизнисмените било драматично: тие сакале генералот Батлер да му достави ултиматум на Рузвелт. Рузвелт ќе се преправал дека се разболува и немоќен од полиовирусот и ќе му дозволи на новосоздадениот офицерски кабинет, „Секретаријат за генерални работи“ да работи наместо него. Секретарот, се разбира, ќе ги извршувал наредбите на Вол Стрит. Ако Рузвелт одбиел, тогаш генералот Батлер би го уапсил со армија од 500 000 воени ветерани од американската легија. Но, Мекгваер го уверил Батлер дека насловната приказна ќе проработила:

„Знаете дека американскиот народ ќе ја проголта приказната. Ние ги имаме весниците. Ќе започнеме кампања дека здравјето на Претседателот се влошува. Секој може да го каже тоа, гледајќи во него, а глупавиот американски народ ќе наседне на тоа за една секунда…“

Бизнисмените исто така ветиле дека парите не се никаков проблем: Кларк му рекол на Батлер дека ќе потроши половина од своето богатство од 60 милиони долари за да ја спаси другата половина.

И кој вид на влада би го заменила редистрибутивниот Нов договор на Рузвелт? Мекгвајер бил совршено искрен кон Пол Франс, пријател-известувач на генералот Батлер:

„Потребна ни е фашистичка влада во оваа земја за да ја спасиме нацијата од комунистите кои сакаат да ја срушат и да го уништат сето она што го изградивме во Америка. Единствените мажи кои имаат патриотизам да го сторат тоа се војниците, и Смедли Батлер е идеален лидер. Тој може да организира милион мажи преку ноќ.“

Мекгвајер дури отпатувал за Италија за да ја проучи фашистичката држава на Мусолинии заминал оттаму силно импресиониран. Тој напишал блескави извештаи до својот шеф Роберт Кларк, посочувајќи дека тие ја спроведуваат истата работа.

Ако ова звучи премногу фантастично за да веруваме, треба да запомниме дека до 1933 година, злосторствата на фашизмот допрва требало да се случат, а опасностите од фашизмот биле претежно непознати, дури и за неговите приврзаници. Но, во раните денови, многу бизнисмени отворено му се восхитувале на Мусолини затоа што тој користел силна рака за да се справи со синдикатите, да ги задуши социјалните немири и да ја натера економијата под закана од терор повторно да работи. Американците денес би биле вчудоневидени да дознаат за многу познати милионери во тоа време кои се восхитувале на Хитлер и Мусолини: Хенри Форд, Џон Д. Рокфелер, Џон и Ален Далес (кои освен што беа милионери, подоцна првиот станал државен секретар на Ајзенхауер и вториот директор на ЦИА), и, се разбира, сите биле дел од горенаведениот список на пучисти. Тие ги демантирале Хитлер и Мусолини само откако нивните ѕверства се зголемиле на неодбранливо ниво.

Иако Стошевиќ упорно но безуспешно сака да докаже дека „државата за народот“ е фашистичко мото и како такво да и ја импутира на Левица, сепак, за волја на историската вистина, државата за народот за првпат е воспоставена со јакобинската револуција од 31 мај до 2 јуни 1793 година која ја отстранува од власт крупната трговско-индустриска буржоазија. Во пролетта таа буржоазија заминала во таборот на контрареволуционерите. Таа ја издала својата сопствена кауза, се одрекла од правото да ги заштити сопствените тековини на револуцијата и со самото тоа ги отворила границите за странските интервенционисти. Јакобинската диктатура (2 јуни 1793 – 27 јули 1794) е најважната етапа во историјата на француската буржоаска револуција. Владимир Илич Ленин рекол дека годините 1793 и 1794 „Конвентот бил во суштина диктатура на долните, т.е. најниските слоеви на градските и селските сиромашни маси… во Конвентот тогаш господари биле целосно и неделиво не крупната или средната буржоазија, туку простиот народ, сиромасите, т.е. баш она што ние го нарекуваме пролетаријат и селанство.“ (Ленин, Дела, том 9, стр. 217)

Народните маси вршиле притисок на јакобинскиот Конвент принудувајќи го да го прави она што тие го сакаат. Јакобинците го претставувале блокот на напредната револуционерна буржоазија, сметајќи ја тука и ситната буржоазија и плебејските маси на Франција. Тие го повлечиле зад себе и селанството. „Историската големина на вистинските јакобинци, јакобинците од 1793 година, се состоела во тоа што тие биле „јакобинци со народот“, со револуционерното мнозинство на народот, со револуционерните напредни класи на своето време.“ (Ленин, Дела, том 20, стр. 435) На девет дена по своето стапување на власт – 11 јуни 1793 година – тие објавиле декрет за општинската земја, кој заедно со покасно донесениот закон од 17 јули 1793 година произвел цела револуција во земјишните односи во Франција и засекогаш го уништил феудализмот на село.

Според приказната можеме да заклучиме дека тврдењето за „малиот македонски дуче“ на Стошевиќ, Дерала и другите сикофанти на буржоазијата е чиста измислица и повторно заснована на историски ревизионизам на корените на фашизмот. Ако Апасиев навистина беше „малиот македонски дуче“ тие искрено би се радувале и би биле негови најгласни фанфарони наместо да го напаѓаат. Тие, сега, се обидуваат да го оцрнуваат не затоа што навистина тој е „малиот македонски дуче“, туку затоа што е Робеспјер Непоткупливиот и дифенсор плебеј. Ова е кристално јасно и од фактот што немаат ниту еден збор изустено против балистичките ѕверови од поранешното раководство на ОНА а денес облечени во овчите кожи на „борци за човекови права“.

Сикофантите на најбогатите македонски бизнисмени се во паника затоа што јасно им е дека Левица има намера да изврши масовна прераспределба на богатството од богатите до сиромашните. Во тој случај, нивните финансиери чии интереси ги застапуваат ќе престанат да им ја даваат улогата на џаболебојадачи. Затоа Левица на Апасиев мора да биде оцрнета по секоја цена. Одговорот е институционален и мас-медиумски терор против Левица и Апасиев со канонада од кривични пријави, измислици, лаги и клевети.

Левица ниту е тајно финансирана партија и ниту пак е организирана од воени лица за да би присвоила фашистички карактеристики. Гордан Стошевиќ прави грешка кога Апасиев го поистоветува со „малиот македонски дуче“ затоа што тој не е популарен меѓу војниците и не се идентификува со нив, напротив, Апасиев, како и генералот Батлер, е човек од народот, а не политичките елити.

Стошевиќ, Дерала и другите веруваат дека македонскиот народ е глупав и ќе ја проголта нивната оцрнувачка приказна против Левица и Апасиев затоа што тие ги поседуваат весниците. Изборниот резултат од скоро 40 000 гласови за Левица изгледа не им беше доволен бумеранг за да разберат дека во оцрнувањето тешко дека ќе успеат. Дури кога Левица ќе стане сериозен политички фактор во парламентот Стошевиќ, Дерала и другите први ќе побараат фашистичка влада во Македонија за да го спасат своето џаболебојадење од „црнокошулашите“ кои сакаат да им го прекинат со тоа што ќе ја даночат олигархијата до смрт! Единствените мажи кои имаат дрскост да го сторат тоа се ветераните на ОНА и Али Ахмети кој е идеалниот лидер на Стошевиќ и Дерала. Тој може да организира десетици илјади балисти преку ноќ. Пример имаме и во соседна Грција, каде буржоазијата плашејќи се од радикалната Сириза ја помагаше финансиски, медиумски и институционално Златна Зора како радикална противтежа на Сириза, но откога на буржоазијата и успеа да се инфилтрира како компромитирачки идеолошки вирус и да ја „побуржоазира“ Сириза и да го тргне радикалниот Варуфакис и сопартијците околу него, сега таа веќе немајќи потреба од оваа противтежа ја забрани со закон.

Поради мерките од изборната програма на Левица ние можеме да ги окарактеризираме како радикалното крило на јакобинската партија нарекувано „гневните“ (enragés). Затоа не треба да ни биде чудно зошто во новиот парламент сите ќе бидат против Левица, но надвор од парламентот, во градските општини оваа партија има поддршка од десетици илјади пауперизирани граѓани. Нејзините економски мерки главно се состојат од: одредување на максимални цени за најпотребните производи; воведување прогресивен данок; формирање народни одбори за снабдување и донесување строги закони против оние кои шпекулираат со основните продукти.

Како вистински револуционери, Левица, водејќи се од народот, и учејќи од него, го слушаше неговиот глас и благодарејќи на тоа, оваа партија успеа да формира збиен фронт против масмедиумското пробуржоаско едноумие и вечерта на 15 јули 2020 да влезе во македонскиот парламент. Нормално, буржоазијата и нејзините сикофанти во ликот на Стошевиќ, Дерала и другите, ги обзеде јанѕа за фактот дека во парламентот влезе партија чија политичка програма ја става сопственоста на олигархијата во опасност. Стошевиќ, Дерала и другите буржоаски сикофанти не се обраќаат кон искрените левичари кога сакаат да го оцрнат Апасиев како „малиот македонски дуче“, туку тие се обраќаат кон сите оние кои живеат од капитал (недвижности, камата, земјишна рента, средства за производство) и сакаат да им ги отворат очите пред опасноста со име ЛЕВИЦА.

Либералите како Стошевиќ, Дерала, Орданоски и другите не ги сакаат луѓето како јакобинците кои се спремни да се жртвуваат. За нив, ако вие сте премногу радикални, вие сте еден чекор кон тоталитаризам. За разлика од овие „господа од високите клупи“, либералите како Стошевиќ и другите припаѓаат на најнискиот дел од Конвентот кој се викаше Рамнина (Marais). Тука беа сите оние што се колебаа, луѓето што се сомневаат, што се двоумат, што се тргнуваат поназад, што одлагаат, што демнат, плашејќи се еден од друг. И Стошевиќ како Сиејес, длабок човек, стана шуплив. Тој се задржа на ситнобуржоазијата и не можеше да се искачи до народот, кај „господата од високите клупи“ кои го претставуваат. Некои духови се создадени за да останат на полпат. Стошевиќ го нарекува Апасиев „малиот македонски дуче“, а овој него би можел слободно да го нарече ситнобуржоаски крт. Метафизичарот Стошевиќ достигна не до мудроста, туку до претпазливоста. Стошевиќ е ситнобуржоаски додворник на олигархијата, а не слуга на револуцијата како Апасиев. Има мислители што се борци како Реџеп Исмаил, Борис Крмов, Јована Мојсоска, Бранко Ристов, Гораст Муратовски, Јован Крајевски кои се со Апасиев. Има мислители што сакаат да живеат, тие се со Стошевиќ и Дерала.

И во бочвите со најдобро вино има комиње. Така под Рамнината на која припаѓа Стошевиќ има блато. Гадно мочуриште низ кое се проѕира егоизмот на Ејн Ренд. Тука се тресе немото очекување на плашливците. Ништо помизерно. Сите срамотилаци, а никаков срам. Прикриена пизма. Револт под сервилноста кон политичките елити. Цинично исплашени, полни храбрости на подлоста, секогаш преминувајќи на страната која успева да формира влада.

„Од најстарите корени на државата, владетелите, барајќи го зајакнувањето на своето владеење, секогаш се врзувале со општествената класа на интелектуалците. Толпата не ги создава сопствените апстрактни идеи, ниту пак ги промислува самостојно. Таа пасивно ги следи идеите кои се прифатени и промовирани од страна на интелектуалците кои станале обликувачи на мислењето во општеството. А со оглед на тоа дека на државата и е неопходно некој да го обликува мислењето на јавноста во нејзиното име, добиваме цврста база за формирањето на прастариот сојуз на државата и интелектуалците.“ (Мјуреј Ротбард)

Сороспијата Стошевиќ со право можеме да го споредиме со одвратните ренегати Жозеф Фуше и Шарл Марис Талејран кои ја предадоа револуцијата предводејќи ја термидорската реакција против „господата од високите клупи“, па потоа го предадоа Наполеон, па ги предадоа Бурбоните, и повторно како челници на привремената влада после поразот кај Ватерло го предадоа Наполеон предавајќи го Париз без борба на непријателската војска.

„Политичката амбиција на еден полуинтелектуалец, всушност не е политичка. Таа се состои исклучиво од тоа човек да се збогати преку политиката и да загосподари со високи позиции. Тој не знае за повисоки и општи цели. Дури откако ќе го достигне врвот на политичкиот успех, се гледа дека е морално закржлавен човек.“ (Слободан Јовановиќ)