АктуелноИнтернационално

ДУИ го условува изборот на нови обвинители со изборот на роднината на Ахмети, Арсим Адеми

За два дена Советот на јавни обвинители уште еднаш ќе се обиде да избере пет обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал по конкурсот распишан уште лани на 15 ноември. Минатиот четврток немаше кворум за избор. Се работи за класично условување од страна на ДУИ за избор на обвинителот од Гостивар Арсим Адеми, против кого Државната комисија за спречување на корупцијата има неколку постапки.

За петте испразнети места во ОЈО ГОК се пријавија 10 обвинители, од кои петмина се обвинителите на кои им истече мандатот: Ивана Трајчева, Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа–Кузмановска и Енѓулуше Кадриу–Леши. а останатите петмина кои конкурираа се Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми.

Како што дознаваме, Советот на јавни обвинители има најголем проблем со кандидатурата на Арсим Адеми, за која ДУИ дала налог дека мора да пројде. Не случајно тој е ставен прв на листата за избор, па ако помине ќе може да се продолжи приемот и на другите. А дел од членовите на Советот на јавни обвинители, веќе се изјасниле дека ќе гласаат против изборот на Адеми. Претседателот на Советот Антонио Јолевски во изјава за медиуми отфрла какви било политички притисоци.

А токму за овој обвинител од Гостивар, деновиве медиумите јавуваат за неколку негови спорни одлуки – за сообраќајката што ја предизвика Зоран Милески Кичеец со смртни последици, а пресудата на предлог на обвинителот беше само 6 месеци затвор и сообраќајката во која загина еден полицаец, за која пресудата беше една година затвор, а обвинителот не поднесе жалба.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата велат дека за пресудата за Милески Кичеец е отворена постапка по допрен глас. Во овој случај се уште не е разјаснето како е донесена пресудата (спогодба со обвинителство за признание на вина со 6-месечна казна затвор за еден загинат и 7 повредени при претекнување на полна лента).

Од ДКСК велат дека проверуваат како обвинителството и судот во Гостивар процениле дека жената на загинатиот Е.С. се откажала од кривично гонење и дека му оставила на ОЈО Гостивар да одлучи, а оштетените П.Ж. и М.М. не се приклучиле кон кривичното гонење, додека пак само оштетениот Л. Б. се приклучил кон кривичното гонење. Членовите на антикорупциската комисија ќе истражуваат дали имало корупција при носењето на одлуката.

Адеми го водеше и случајот со прегазениот полицаец Ѓурчиноски за кој виновникот доби една година затвор, а овој обвинител не ја обжали пресудата. Судскиот процес против кичевецот кој во декември 2019 година во тешка сообраќајка на влезот во Гостивар усмртил еден полицаец, а уште еден бил тешко повреден, лани во ноември заврши со првостепена пресуда од само една година затвор, без очекувана жалба од обвинителот Арсим Адеми. Родителите за загинатиот 23-годишен полицаец реагираат.

ДКСК има три отворени предмети за гостиварскиот обвинител Арсим Адеми за што е известен и Советот на јавни обвинители. Адеми е казнет од ДКСК со двесте евра глоба затоа што не соработувал со антикорупционерите за случај со стечаен управник против кого имало кривична пријава.

На 1 февруари за овој обвинител се дискутирало и на седницата на собраниската Комисија за политички систем на која се расправаше за извештајот на работата на Советот на јавните обвинители, а пратеникот Антонио Милошоски зборуваше за недоследноста на работата на некои обвинители преку примерот за обвинителот Арсим Адеми од Гостивар, кој е инаку и во роднински врски до Али Ахмети, претседателот на ДУИ.

Обвинителите од организиран криминал чијшто мандат истече на почетокот на годинава не можат да ги бранат своите обвиненија на судските рочишта, а се одложуваат и судски процеси.

Извор: mkd.mk