АктуелноЛокално

Левица: Милионски суми од буџетот на Република Македонија секоја година се исплаќаат за привремени вработувања

  • Реакција на Левица – Трудов Сектор.

Секоја година од Буџетот на Република Македонија се исплаќаат милионски суми за привремени вработувања. За привремени вработувања во 2021 година од Буџетот на Република Македонија се исплатени 267.973.000 денари, а за 2022 година за оваа намена во Буџетот се предвидени 208.063.000 денари.

Привремените вработувања станаа актуелни изминативе години откако се направија законски измени со кои што се регулира овој тип на вработувања и откако се донесе Законот за агенции за привремени вработувања. Привремените вработувања не само што станаа параван за партиски вработувања на власта, туку и отворија можност за огромни заработки на Агенциите за привремени вработувања.

Постоењето на овие агенции е небулозно и непотребно, посебно при постоење на државна Агенција за вработување! Законот за работни односи покрај тоа што предвидува вработување на неопределено време, предвидува и вработување на определено време, па од тука се поставува прашањето за потребата од постоење на агенции кои ќе вработуваат „привремено“.

Привремените вработувања се на штета на работниците!

Работниците вработени преку овие агенции не можат да ги остваруваат правата од работен однос, затоа што ним практично работодавец им е Агенцијата, а не правното лице каде што работат. Исто така правното лице кое што ги користи услугите на овие агенции, им плаќа провизија за услугата, а јавна тајна е дека провизијата наместо од работодавецот, се наплаќа од платата на работникот.

Исто така ако се земе предвид дека најголеми корисници на услугите на овие агенции се државните органи и органите на локалната самоуправа, јасно е зошто секоја година на сметка на овие агенции се одлеваат милионски суми, како од Буџетот на РМ, така и од буџетите на општините.

ЛЕВИЦА преку своите пратенци во Собранието на Република Македонија и преку своите советници во Советите на општините, се залага за тоа државата и општините да вршат вработување на лица преку државната Агенција за вработување, а парите од буџетот наменети за овие вработувања да се пренаменат за потребите на граѓаните.