Русија ќе го национализира имотот на странските компании кои ќе се повлечат од земјата

Владината комисија за законски активности го одобри вториот пакет мерки за поддршка на економијата, вклучително и еден од механизмите за национализација на имотот на странските компании, објави владејачката „Единствена Русија“.

Претходно секретарот на Генералниот совет на партијата Андреј Турчак изјави дека политичките сили предлагаат да се национализира производството на оние компании кои најавуваат повлекување од рускиот пазар и затворање на производството во земјата за време на специјална операција во Украина. Според портпаролот на претседателот Дмитриј Песков, во владиниот штаб се разработуваат сите опции за одговор на санкциите и случувањата.

Се прецизира дека предлог-законот му овозможува на судот да воведе надворешен менаџмент во компаниите со кои управуваат над 25% странци, а одлучиле да се повлечат од земјата и да ја прекинат работата. Со ова државата ќе спречи стечај и ќе се спасат работните места, велат од партијата.

„Сопственикот може во рок од пет дена да се откаже од надворешното управување. Во случај на непродолжување на активностите или продажба на акции, постои обврска бизнисот и вработените да бидат зачувани. Доколку тоа не се случи, судот назначува привремена управа за три месеци, Купувачот на новата организација се обврзува да задржи најмалку две третини од работниот колектив и да ја продолжи дејноста на старата компанија најмалку една година“, се вели во соопштението.