Разговор со Васко Марковски, автор на „Урбани легенди“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

На 07.11.2023 (вторник) со почеток од 19 часот во спомен-соба „Т’га за југ“ во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ ќе се одржи разговор со Васко Марковски, автор на „Урбани легенди“ – книга на месецот во #ГБСК

Ве каниме на незаборавно возење со култниот „Лејланд“ по скопските улици до култните топоси на градот: Кенан, Дестан, Коцка, Зизи, Ван Гог!

Посетителите ќе имаат можност да присустуваат на необичен разговор за Скопје со Васко Марковски -скопјанец, патеписец, раскажувач, колекционер, преведувач, туристички водич и автор на „Урбани легенди“ (Begemot – izdavacka).

Разговорот е дел од вториот циклус на кампањата #ЧитамеСовремениМакедонскиАвтори, модератор е Александра Јуруковска, а фрагменти од книгата ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Васко Марковски дваесетина години работел како новинар во повеќе медиуми (радио, печат и мултимедија). Во периодот од 2008-2011 бил главен и одговорен уредник на месечникот „Free guide – Macedonia“, а за неговите патеписи е награден со признанието „Најдобар промотор на Македонија“ за 2010 година. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“, на монографијата „Урбани легенди“, збирката репортажи „Непозната Македонија“ и збирката поезија „Скопски улици“. Реализирал изложба на фотографии „Комши камерџик“, од турски на македонски превел повеќе дела, меѓу кои и сто песни од познатиот турски поет Орхан Вели („Риба во шишето ракија“, Антолог, 2014).