Џабе ќе ги внесете Бугарите во Устав – Нема проширување на ЕУ

Новиот претседавач со ЕУ, Белгија, им залепи шамар во лице на домашните политичари кои непрекинато манипулираат за позицијата на државата во евроинтеграциските процеси и јасно порача дека Европската Унија нема никаква намера да се проширува во скоро време. Според него, евентуалните уставни измени што Македонија би ги направила во претстојниот период на кои инсистира домашната политичка и квислингшка елите, ќе бидат само уште едно ново разочарување за македонските граѓани, слично на она по промената на името.


И покрај убедувањата од домашните политичари дека внесувањето на Бугарите во македонскиот устав широко ќе ги отвори европските перспективи за земјава и дека членството во Унијата може да стане достижна цел до 2030 година, пораките што пристигнаа од новиот претседавач со Унијата, Белгија, воопшто не се охрабрувачки.


Имено, белгискиот премиер Александер де Кро на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, по средбата на еврокомесарите со министрите во белгиската Влада со која официјално беше инаугурирано претседавањето на Белгија со Советот на ЕУ, истакна дека пред да се реформира Унијата нема да се случи никакво проширување.


Пред да станеме поголеми, ќе мора да станеме подобри, па затоа ЕУ ќе мора да се реформира пред да биде подготвена за проширување и за прием на нови членки… Потребна ни е Европска Унија што ќе биде способна да носи одлуки на побрз начин, задржувајќи го своето единство и што ќе биде поефикасна во искористувањето на ресурсите – порача Де Кро.


Во продолжение тој додаде дека сето она што ќе го работи Белгија како претседавач со Унијата во следните шест месеци ќе биде насочено кон интересите на европските граѓани и нивната благосостојба.

Нашето претседавање доаѓа во значајно време. Како никогаш досега жителите на Европа гледаат кон ЕУ со јасни очекувања да ги заштити, да ја зајакне нивната благосостојба и да ја подготви нивната заедничка иднина – потенцираше Де Кро.


Очигледно белгискиот премиер само се надоврзува на плановите на францускиот претседател Емануел Макрон, проширувањата да се држат понастрана од европската агенда, а земјите кандидати да се „охрабруваат“ со финансиска помош само колку да го задржат европскиот курс и да останат во европската сфера на влијание, без да се остави каква било можност балканската интересна сфера да ја пополнат некои други земји, кои Брисел ги перципира како непријателски.


„Белгискиот премиер Де Кроа и претходно излезе со јасен став дека нема да има ново проширување на Унијата сѐ додека не се спроведат сериозни внатрешни реформи во ЕУ, за да може таа да биде подготвена за нови проширувања и, што е уште поважно, да може да биде вистински функционална. Од друга страна, кај добар дел од европските земји, првенствено мислам на оние поголеми и помоќни земји, постои одбивност кон проширувањето, така што повиците за внатрешно реформирање на Унијата на некој начин се како добредојдени за да се тргне точката за проширување од дневен ред. Затоа е тука сега Европската политичка заедница, за да се држат земјите кандидатки доволно блиску, но истовремено доволно далеку од себе“ – посочуваи  Австриецот Гералд Кнаус, кој важи за еден од најголемите поддржувачи за проширување на Европската Унија.