Додека јавниот сервис Македонска радиотелевизија (МРТ) се соочува со години со критики за лоша програмска содржина, партиска пристрасност, хронична нефункционалност и кадар на работен век без резултати, на веб-страницата на јавни набавки деновиве осамна објава која отвора прашања и за приоритетите, и за транспарентноста, и за логиката во трошењето на народните пари: МРТ купува 12.500 килограми крупна морска сол за 149.860 денари.
На тендерот се јавила само една компанија – МН КОМПАНИ ДОО од Гостивар – која го добила договорот без конкуренција. Купена е морска сол за омекнување на вода, што само по себе не би било скандалозно, ако не се постават прашањата:
Зошто МРТ има потреба од 12,5 тони сол?
Каде завршува таа количина во установа чија примарна функција е информирање, не индустриско перење алишта?
Колку системи за омекнување вода поседува МРТ, и кој е нивниот капацитет?
Дали ова е прв пат да се прави ваква набавка и дали постојат јасни извештаи за трошењето на претходно набавените материјали?
Во објаснувањата од стручната јавност, се вели дека крупната морска сол се користи за регенерација на јоноизменувачки филтри – системи кои омекнуваат вода за заштита на опрема. Но таквите системи се често користени во индустрии, не во медиумски сервиси, а камоли да бараат 12,5 тони сол годишно. Со таа количина може да се снабди мал хотелски комплекс или фабрика со потреби за процесна вода – не телевизија.
Ако се има предвид дека МРТ редовно се жали на недостиг на средства, и дека програмскиот фонд е сиромашен и често повторува содржини стари по десет години, ваквиот трошок е крајно сомнителен. Во јавноста сè повеќе расте впечатокот дека јавните институции се претвораат во непрозрачни канали за перење пари преку „функционални“ набавки кои ретко кој ги проверува.
Во време кога децата учат од YouTube поради лошата едукативна понуда на јавниот сервис, кога емисиите се спонзорираат за да преживеат, и кога техничкиот кадар се намалува поради мали плати – ваквата набавка делува како пародија. Додека новинари заминуваат во пензија со празни архиви зад себе, некој набавува сол.
Дали тоа е новата програмска шема – реалити шоу во кое ќе следиме како МРТ омекнува вода со народни пари?

