Повисоки плати за наставниците или опрационализација на контроверзната концепција на Царовска

  • Пишува: Стефан Симовски, член на Левица – Сектор образование.

Конечно и јавноста и стручната јавност се согласни дека на македонското образование му се потребни итни и суштински реформи. Исто како што се едногласни дека реформите се неопходни, не ги препознаа во фамозната концепција за образование на веќе поранешната министерка за образование Царовска. Од тие причини се очекуваше неопходните, суштински реформи да бидат вклопени во соодветни законски решенија. Но, ни во новопредложеното дополнување на и без тоа лошиот Закон за наставници и стручни соработници, нив – ги нема.

Тоа што предлагачот идеално успеал да го вклопи во предложениот Предлог-закон за дополнување на Законот за наставници и стручни соработници е обидот да ја интегрира и да им ја наметне на наставниците и стручните соработници со право оспорена образовна концепција создадена во времето на Царовска.

Новиот образовен концепт, кој беше предмет на издржана критика од пошироката стручна јавност, очигледно му наметнува на предлагачот на Законот грешките да продолжат да се нижат една по друга. Во предложеното дополнување спорни се повеќе членови.

Спорно е тоа што со предложениот Закон е предвидено вработување на наставник и стручен соработник на неопределено време уште веднаш по првото вработување, без притоа да се води сметка за следење на квалитетот на кадарот, а со тоа постои долгорочна опасност од појава на технолошки вишок.

И досегашната практика за стекнување со право на вработување на неопределено време со наполнети пет години стаж во образование оставаше отворена можност за манипулација од страна на директорите на училиштата, но и простор за извесно партиско влијание врз кадарот вработен на определено време. Но, не е решение да се делат решенија дури и кога реално нема потреба од вработување. Политиката на долгото чекање за вработување на неопределено време во образовните институции мора да се менува, но за таа цел неопходна е соодветна анализа за прво да се утврди колкав е бројот на реални постојни работни места во образовните институции.

Проблематично е и напредувањето на наставниците во звања, кое уште во 2008 година е предвидено со колективниот договор и е имплементирано во Законот за основно и средно образование, но на погрешна основа. Напредувањето на наставникот мора да биде поврзано со соодветно дополнително стекнување компетенции од страна на наставниците, не преку неформални обуки, туку со јасно оформени програми преку кои наставниците би се стекнале со повисока стручност во дадена област (пр. работа со деца со ПОП).

Натаму, овој Предлог-закон многу нејасно предвидува наставник кој има само десет наставни часа седмично (половина од потребниот неделен фонд часови) да зема плата небаре работи со полно работно време, без притоа да бидат прецизирани останатите негови обврски што би произлегле од таквата одлука. Членот 66 г е сосема недоречен. Доколку МОН е искрен во намерите, најпрво мора да го повлече и сериозно да ја до(пре)работи образовната концепција. Во спротивно истата долгорочно ќе продуцира  повеќе проблеми отколку решенија за напластените проблеми во образованието. Притоа смешно е ваквиот предлог, во обид да се замајува јавноста, да се врзува со наводно зголемување на платите во образование кои објективно се срамно ниски.

Единствено што би се сменило доколку се усвои Предлог- законот е методологијата за пресметка на плати, односно постојниот модел за пресметка со утврдени коефициенти, кој не е ниту почитуван од страна на власта. На огромна штета по стандардот на наставниците и другите вработени во образование, со модел за пресметување со бодови кој единствено би довел до видно подобрување на месечните примања на малкумина (по еден во училиште) унапредени наставници, промовирани на несоодветен начин и незадолжени со соодветни зголемени обврски и одговорности. Дотолку повеќе што во понудениот Предлог-закон не е вградена соодветна финансиска пресметка за буџетските импликации од негово усвојување.

Јасно е дека предложениот Закон за допoлнување на Законот за наставници и стручни соработници во својата суштина нема за цел квалитетно да го реформира образованието во Македонија и соодветно да го вреднува трудот на наставниците и стручните соработници, туку единствено да ја интегрира новата (со право оспорена од стручната јавност) концепција за образованието создадена во времетрењето на мандатот на Царовска.