Од антиквизација до ВДизација на културата

  • Пишува: Јасмина Пијанманова – Етнолог и музејски работник, магистер по културен менаџмент и културни политики

Поминаа речиси осум години откако започнавме да се ослободуваме од т.н. наратив за „антиквизација“ на културата и популистичката културна политика која тогашната власт, предводена од Никола Груевски, ја имаше како главен прерогатив за креирање на културните политики во државата. Таквиот контекст, во тоа време, негативно влијаеше на целокупниот развој на независната култура и таквата развојна културна политика беше далеку од вредносните системи во кои уметникот можеше да влијае врз процесите. Одлуките и решенијата се носеа зад затворени врати. Централизацијата пак, на културата се цементира во главниот град на Републиката. Културната политика се гушеше и давеше од клиентелизам, партизираност, непотизам и затвореност во рамките на институционалната култура, со невозможност да комуницира со вонинституционалните културни чинители и отсуство на партиципативноста во креирањето на културните политики во државата.

Сите бевме убедени во тоа и сé уште веруваме дека таквиот начин на креирање на развојните културни политики беше погрешен, ревизионистички и покажуваше тоталитарна демонстрација на моќ. А всушност, се покажа дека тука немаше некаков идеал, идеја или идеологија, туку многу расфрлање народни пари за нешта кои вредат далеку помалку.  Ваквиот креиран културен контекст беше еден од главните „адути“ на тогашната „левичарска“ политичка партија Социјалдемократски Сојуз на Македонија која претендираше да ја замени власта во 2017 година. Целта беше да се креираат услови на демократизација и децентрализација на културата и нé убедуваше дека „децениското владеење во културата“ на клиентелизам, непотизам и партизација конечно ќе заврши и ќе дојде време кога културата конечно ќе ја преземат културните работници и ќе почне целосната слобода во уметничкиот израз.

Со смената на власта само привидно се „променија“ работите. Сите оние „коректури“ со кои беше „етикетирана“ претходната власт се конвертираа во тотална пародија, целосен распад на системот, со видна разлика – претходната власт, во која министер за култура за цело време беше Елизабета Канческа Милевска, имаше конзистетност и континуитет во развојните културни политики без разлика дали тие беа „добри“ или „лоши“. Сегашната владеачка гарнитура го замени терминот демократизацијата во културата од „култура за сите“ во „култура за нашите“, а листата на „подобни“ и „неподобни“ актери во културата си остана, само „актерите“ се променија. Слободни се само оние кои одлучуваат во рамките на секташките групи блиски на партијата на власта.

Културната фела во државата имаше големи „очекувања“ од новата власт на СДС(М) која требаше да ги направи „видните промени“ кои културните работници ги очекуваа со нетрпение. Со промената на власта се промени и чл. 29 од Законот за култура, за избор на директори, од страна на актуелната власт со цел да се даде можност на нови стручни и компететни кадри да дојдат до раководни позиции, кои на институциите ќе им дадат нов „живот“ и тие ќе тргнат по европскиот тек на развој. Но, за жал ваквата очекувана промена не се случи. Термините „национализација“, „антиквизација“ се заменија со новите термини „в.д.–изација“, фаворизација на неколку невладини организации, „праз култура“, „фис-култура“. Долгоочекуваната департизација и професионализација во културата не се спроведе, иако беше приоритетна во Националната стратегија за развој на културата 2018 – 2022 година. Изборот на некои директори беше чиста фарса и потсмев со културните дејци.

Несериозниот пристап во раководењето на овој сектор оваа власт го покажа и со смената на речиси пет министри во ресорот култура и тоа Роберт Алаѓозовски – магистер во општа и компаративна книжевност, Асаф Адеми – градежен инжинер, Хусни Исмаили – доктор по медицина, Ирена Стефоска – историчар, Бисера Костадиновска Стојчевска – професор по англиски јазик. Во таа атмосфера на хаотичнос и тотална дезиорентираност и континуитетот во спроведување на развојните културни политики во државата е целосно занемарен.

Генералната слика за институционалната култура е „в.д.–изираност“. Речиси не постои културна институција во државата каде што нема поставено вршител на должност иако член 34 од Законот за култура е јасен и дециден. Во неколку случаи В.Д. должноста се пролонгираше и по седум пати, без да се распише конкурс за менаџер во културата.  Ваквата политика на водење на институционалната култура не само што е противзаконска туку е и погубна за општиот развој на културата во држaвата, затоа што ниеден од раководителите не е избран по претходна утврдена програма за работа која ќе биде во корелација со стратешките развојни документи на Министерството за култура па и на самите институции доколку ги имаат. Со тоа се става под знак прашење и нивната компететност и способност за раководење со институциите. Вршителите на должност во повеќето случаи некомпетентни личности, непрофесионалци, раководат со институциите без да се распише јавен оглас за назначување на раководител на институцијата со мандат од четири години.

Со нераспишувањето на јавни огласи за раководни лица во институциите од културата власта го затвора системот и тука повеќе не можеме да зборуваме за отвореност и конкуретност на пазарот на трудот во областа на културата и развој на институционалната култура. Главните адути на оваа владеачка структура се сервилност, партизација и клиентелизам, а културата им остана последна и заостаната гранка во нивните владини политики.