8-ми март – Празник на економската, политичката и социјалната рамноправност на жената
- Фејсбук статус на Виолета Аврамоска – Советник од Левица во Општина Охрид.
8-ми Март е ден на жените и нивната борба против експлоатацијата на нивниот труд. Меѓународниот ден на жената се одбележува како празник на економската, политичката и социјалната рамноправност на жената.
Денот на жената се одбележува како спомен на пожарот во текстилната фабрика, ,,Триангл Шртвеист” кој се случил во Њујорк во 1911 година, во кој животот го загубиле над 140 жени работнички. Првите јавни демонстрации на жените вработени во текстилната индустрија се случиле на 08.03.1857 година во Њујорк. Текстилните работнички протестирале против лошите услови за работа и против ниските плати. Демонстрантите ги растерала полицијата, а подоцна, истите жени основале синдикат кој ќе се бори за нивните работнички права.
Значајни личности во борбата за правата на жените се германските револуционерки и активистки, социјалистките Клара Цеткин и Роза Луксембург. Нивниот активизам е поврзан со развојот на меѓународното работничко движење и борбата помеѓу различните тенденции во тоа движење. Тие, без отстапки ја следеле марксовата критика на постоечката состојба, го критикувале капиталистичкиот систем и либералното граѓанско општество.
Иницијативата за ден посветен на сите жени, на Втората меѓународна конференција на жените социјалисти во 1910 година во Копенхаген, ја даде Клара Цеткин.
Обединетите нации 8-ми Март, како меѓународен ден на жените, го прогласија во 1975 година.
8-ми Март е ден кога жените од целиот свет организираат масовни протести и бараат право на работа, еднакви можности за работа и образование.
Почитувани ЖЕНИ, 8-ми Март не е ден за славење со скапи подароци. 8-ми Март е ден кога јасно и решително ќе ја започнеме борбата со гнилиот македонски капиталистички систем, со жестоката и немилосрдна експлоатација на жената работничка, особено во текстилната индустрија, која работи по 10 часа за минимален личен доход.
Нека ни е честит 8-ми Март, Меѓународниот ден на жената!