Унгарија нема да испраќа оружје во Украина и нема да воведе санкции против Русија

Унгарија усвои декрет со кој се забранува испорака на оружје за Украина од територијата на нејзината земја.

„На седницата на Оперативниот штаб за национална безбедност ја проценивме целата состојба и усвоивме уредба со која се забранува испорака на оружје од територијата на Унгарија во Украина“, се вели во видео пораката на Орбан објавена на Фејсбук.

Објавен е декрет со кој „јасно се става до знаење дека не може да се транспортираат пратки со оружје од територијата на Унгарија на територијата на Украина“, нагласи премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

Според овој декрет на украинската влада, земјата дозволува пренос на воена опрема и оружје на други земји-членки на НАТО наменети за украинските вооружени сили преку Унгарија, но не и директен пренос на истата опрема преку унгарско-украинската граница, по копнен или воздушен пат.

Орбан го окарактеризира како „загрижувачки“ тоа што воените дејствија во Украина се префрлаат поблиску до Унгарија и дека како резултат на тоа, тој очекува да расте бројот на бегалци.

„Мораме да бидеме подготвени да се грижиме за зголемен број луѓе“, изјави тој и додаде дека се донесени одлуки за да се гарантира непречена соработка меѓу властите и граѓанските организации и дека во оваа насока планирани се дипломатски мерки со кои ќе се направат дополнителни напори во интерес на враќање на мирот“.

Ваквата одлука следеше по изјавата на министерот за надворешни работи Унгарија, Петер Сијарто, кој во неделата рече дека главната цел на владата е „да ја спречи Унгарија да влезе во оваа војна“.

„За таа цел се спротивставуваме на притисокот и барањата на опозицијата: Нема да испратиме ниту војници ниту оружје во Украина, ниту ќе дозволиме трансфер на смртоносно оружје преку наша територија“, напиша Сијарто на Фејсбук.

Во однос на санкциите во енергетскиот сектор, унгарскиот министер за финансии, Михај Варга, изјави дека Унгарија нема да го поддржи проширувањето на анти-руските санкции за овој сектор, бидејќи тоа е голема закана за националната валута и за Унгарците. 

„Унгарската национална валута е жртва на Брисел. Санкциите веќе се сериозна закана за унгарската економија. Проширувањето на санкциите кон енергетскиот сектор претставува голема закана за нашата валута како и за унгарскиот народ. Секој што бара продолжување на санкциите сака унгарскиот народ да ја плати цената за војната. Унгарската влада нема да поддржи таков потег на ниту еден меѓународен форум“, рече Варга.