(Видео) Апасиев: Сите преседани еден ден ќе ви се удрат од глава

На последната пленарна седница на Собранието, пратеникот Димитар Апасиев реагираше дека спикерот Џафери се обидува неделовнички да разреши член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Праксата на прекршување на Деловникот на Собранието од Џафери продолжува, во конкретниот случај беа повредени повеќе членови од овој Деловник, за што пратеникот и лидер на Левица, Апасиев кажа: „сите преседани, еден ден ќе ви се удрат од глава.“

„Членот 117 не е испочитуван затоа што не е донесена одлука на матичното работно тело. Понатаму, членот 125 вели дека работните материјали ги разгледуваат матично работно тело и Законодавно-правната комисија. Тоа во случајот не е сторено и затоа оваа точка не ја исполнува процедуралната можност за доаѓање на Дневен ред.

Следно, членот 69, став 2, вели дека вие сте должен да видите дали имало услови за внесување на дневен ред. Досега, мал милион пати ни имате одбиено предлози, токму на овој член, дека не исполнувале деловнички услови за да дојдат на дневен ред.

И суштинскиот член 79, став 1, кој вие намерно не го гледате, вели – Собранието не може да расправа по прашања за кои матичното работно тело и Законодавно-правната комисија не зазеле став, ако со овој Деловник поинаку не е уредено. Со овој Деловник не е поинаку уредено и оттука Собранието не може да расправа по ова прашање“