Војната во Украина не е црно бел филм

  • Пишува: Ненад Живановски.

На почетокот, да тргнеме со една премиса дека Путин е диктатор, автократ, агресор, крвник, психопат, социопат… и сé, сé, сé најлошо, а западните политичари се демократи, либерали, хуманисти, правдољубци, на вистинската страна од историјата… и сé, сé, сé најпозитивно. Се поставува прашањето, ако навистина се толкави хуманисти, на кои човекот, неговиот живот и мир им се најважни од сé, зошто тогаш војната во Украина не ја завршат со само еден едноставен, брз и лесен потег?

Да – за војната да заврши, доволен е само еден едноставен потег: да ѝ порачаат на власта во Киев дека сакаат да влезат во НАТО, но не по секоја цена, или не по оваа цена која треба да ја платат, а таа е превисока со човечки жртви и разурнувања на цивилни и стопански објекти. Затоа, најдобро за вашата земја и народ е да останете неутрална држава, како што било прифатено со Договорот од Будимпешта од 1994 година, а суверенитетот и интегритетот да го гарантираат големите сили. Едноставно, во дадениве геополитички констелации, „лудиот Путин“ не може да биде игнориран со неговите разбирања за безбедноста на Русија. Наместо тоа, западните политичари, секој ден јавно соопштуваат колку оружје ќе ѝ биде испорачано на власта во Киев. Тоа ли е залагање за мир, за кој ќе се бориш до последниот Украинец?

Знам, некој ќе рече, Украина е суверена држава и самата може да решава во кој сојуз ќе се зачленува. Нема да навлегувам во објаснување што Договорот од Будимпешта од 1994 година предвидувал за идниот статус на Украина и на кој начин настаните од Мејдан во 2014 година го прекршиле овој Договор, само принципиелно треба да се постави прашањето за почитување на правилото на НАТО, кое вели дека членка на Алијансата не може да стане држава која има отворен или нерешен спор со соседот. Заборавивте ли дека Македонија од 2008 до 2017 година беше блокирана да влезе во НАТО токму поради дипломатскиот спор со Грција околу името?

Тој спор беше минорен во однос на сегашниот воен судир меѓу Украина и Русија, и во кој е нарушен територијалниот суверенитет на голем дел од нејзината северо-источно-јужна граница. Како тоа сега на НАТО не му е проблем билатералниот спор на Украина со Русија, а му беше девет години на Македонија со Грција?

Понатака, блокирањето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, повторно се образложува со билатералниот спор со Бугарија. На нас и на Србија нѝ се порачува дека ЕУ еднаш се изгорела што го примила Кипар со отворен спор со турскиот дел и повеќе немала намера да ги повторува грешките од минатото и да увезува туѓи спорови; сега, полскиот претседател Анжеј Дуда и претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, бараат Украина преку ред да биде примена во ЕУ, бидејќи припаѓала на европското семејство, иако има отворен спор со два соседа. Прием повторно преку колено, исто како и за НАТО.

Во отсуство на одговори на овие легитимни прашања и дилеми, најлесно е да се залепат етикети за проруски и пропутиновски ставови, без да се има активен рецептор кој ќе детектира дека има и луѓе на кои не им се битни ни пронато, ни проруски ставови, туку пред сé им се битни принципите, преку чие почитување трагаат и доаѓаат до вистината, и субјективно оценуваат кој е во право, а кој греши.

Најопортуно во овие моменти е да се залепи украинското знаме и да се даде поддршка на украинската власт, без да се знае или да се знае, но свесно да се игнорира, колку и на таа власт ѝ се окрвавени рацете за овие осум години владеење со Украина. Тогаш, плаво-жолтата боја, задолжително би морала да биде испрскана и со црвена боја. Маките на Украина започнаа во 2014 година, кога сегашната власт насилно, со државен преврат, го смени легитимниот, на демократски избори избран претседател, Виктор Јануковиќ. За демократ и легалист по убедување, а не по интерес, ова е појдовната точка за секоја понатамошна анализа, говор и разговор: едноставно, нешто што е во својата основа недемократско, нелегитимно и нелегално, не може да произведува демократски, легитимни и легални дејствија. Тоа е абецедата на секој прирачник по демократија, право и меѓународни односи. Секако, доколку се држиме до принципите од теоријата.

Но, ова е време на инстант живеење, па и на инстант вистина. Ништо не се случило, ако за тоа медиумите не известиле. Во случајот со Украина – за што западните медиуми не известиле. Кој уште се сеќава (или воопшто знаел) дека „демократите од Мајдан“ во 2014 година во Одеса живи запалиле 100-тина протестирачи кои не се согласуваа со нив?! Јас, од тој крвав пир, сé уште помнам текст во кој се известуваше како „демократите од Мајдан“ во зградата на Домот на културата, каде биле собрани нивните противници, со нож на смрт изболе жена во осми месец од бременоста. Фотографијата која беше објавена кон текстот, сé уште ја помнам, бидејќи беше уште пострашна од зборовите: мртва бремена жена, со замаглено лице, лежеше испружена на биро во една канцеларија, горната половина од телото и беше на бирото, додека нозете и висеа кон подот. Стомакот и беше расечен и отворен. За ова грозоморно убиство, но и за сите останати, никој не одговарал. Едноставно, штом судот ќе започнел со судење, пред зградата ќе се собрале „демократите од Мајдан“ и ќе им се заканувале со убиства на судиите и секоја понатамошна расправа била прекинувана.

Затоа, уште еднаш би напишал: најлесно е да судиш и да осудуваш друг, како тоа деновиве недостоинствено го прави оној пензиониран професор, разочаран од малата читаност на неговите колумни, во кои како експерт по меѓународно јавно право и односи, се спушта на ниво на лоша јатрва и се расправа кој што напишал на Фејсбук. Сметам дека темите со кои треба да се занимава и му приличат на еден универзитетски професор (и на читателите да им објасни) се какви последици произлегуваат по една држава ако едностраното се повлече од меѓународен договор (каков што е Договорот од Будимпешта), што може да ѝ се случи на една држава ако не спроведува меѓународен договор кој го потпишала (каков што е Договорот Минск 1 и 2), што во геополитички околности значи инсталираење на НАТО балистички нуклеарни проектили на само четири минути лет од Москва? Да објасни како му поверувал на Тони Блер, кога ја оправдувавал агресијата врз Ирак со аргументот дека (непостоечките) нуклеарно-хемиско-биолошките ракети на Садам Хусеим за 40 минути можат да го погодат Лондон, а сега стравот на Русија за „четрите минути“ за професорот претставувал „националистичка политика од 19-тиот век“?

Дали професорот слушнал за Монроовата доктрина од 19-тиот век, која САД конзистентно ја спорведуваат и во 21-от век? Што со онаа карта на која се покажани илјадници бази на НАТО и САД, кои буквално ја обиколуваат Русија од сите страни? САД во 1962 година, за само една воена база, која сакаше да ја инсталира СССР во Куба беа подготвени да започнат Трета светска војна. Дајте мислење, анализа, одговори на овие прашања, професоре! Расправиите со Фејсбук неистомислениците оставете им ги на оние платени „ескадрони на виртуелната смрт“, кои спроведуваат кенсл калчр преку проверка на „факти“!

Ако во овие траорни денови, со надвиени темни облаци над Европа, секоја дискусија и полемика се сведува на заземање страна, тогаш, скромно би замолил, коментарите, ставовите и позициите кои ги изнесов да бидат оценети како ПРОпринципиелни.