„Не мешајте спорт и политика“ со двојни аршини

  • Пишува: Весна Кираџиева – шесткратна шампионка на Македонија во маратон и координатор на Левица Сектор спорт.

Она кога ќе ви речат: „Не мешајте спорт и политика“. Вака изгледа тоа:

Финалето на Лига на шампиони беше закажано за 28 мај на „Газпром Арена“ во Санкт Петербург, но УЕФА реши да ѝ го одземе домаќинството на Русија и најновата одлуката на ФИФА и УЕФА е да ги исфрлат сите руски клубови и репрезентации од меѓународните натпреварувања, со изјава дека „го осудуваат военото дејствие на Русија во Украина“.

Фирмула 1 исто така донесе одлука и го откажа Руското Гранд при. Тоа беше закажано за 25. септември, но новата локација допрва ќе се одредува.

Британскиот фудбалски клуб Манчестер Јунајтед, го заврши договорот за спонзорство со руската авио компанија Aeroflot. Нивната изјава е дека „ја делат загриженост со своите фанови во светот и споделуваат сочувство со оние кои се засегнати.“

Светска атлетика, „непристрасно“ си зазема страна, нели, затоа што не следат тие политика, не се разбираат, не мешаат спорт и политка. Овие мафијаши, кои патем ја водат светската атлетиката и се вмешани во тешки криминали (секој пат кога нешто ќе излезе како доказ, магично се заташкува и исчезнува од медиумите и вниманието на јавноста ден подоцна), вклучително и актуелниот претседател и заменик претседател, некогаш легенди на спортот, сега политички мафијаши, Себастијан Коу и Сергеј Бубка, поради кои светската атлетика никогаш во нејзината историја како Кралица на спортовите не била помалку атрактивна, актуелна, следена и помалку популарна од она што е овој период, на чело со криминалните профитерите кои ја водат.

Непристрасната Светска атлетика, беше прва да ги суспендира спортистите на Русија (од 2015г) од сите меѓународни првенства, под изговор – допинг! Ако ова беше легитимна причина, тогаш пола репрезентации, особено оние кои се на врвот на пиедесталите требаше да бидат суспендирани, меѓу кои и САД, Германија, Норвешка, Британија… Но тоа не е случува за ниту еден друг тим, освен за рускиот. САД дури и делуваат надвор од WADA (Светска Анти-допинг Агенција), односно си имаат своја Анти допинг агенција која „гарантира“ дека Американските спортисти се чисти и недопингувани, спроведува интерно допинг-тестирања, а WADA нема надлежност врз нив, функционира на чесниот американски збор – ако американската агенција каже дека не се допингувани и приложи документ, тогаш тоа е доволно за WADA!

Ова се само дел од тактиките кои стратешки и политички се вршат на САД кон Русија, а ги поддржуваат нивните посушници, дел потплатени, дел затоа што и самите се вклучени во матни зделки, па си го штитат грбот и задникот взаемно. За жал многумина, како во спортот, така и надвор од него, ги преспиваат сите овие работи кои одоколу се тапкаат стратешки со години, затоа што „не мешаме спорт и политика“ и не следиме политика, не ни треба тоа. А спортот е најплодно поле за ова – спортистите најчесто се посветуваат на спортот, а не на образование и кога имаш ниско или никакво образование, си лесно склон на манипулации.

На Летните и Зимските Олимписки Игри, исто така, под изговор – допинг, суспендирана е цела руска репрезентација. Дел од државите, се солидаризираа со спортистите и дадоа поддршка, па се „смилуваа“ ѝ беше дозволено да настапуваат руски спортисти, но не под името и знамето на државата Русија, туку под името и знамето на Руски Олимписки Комитет (РОК), а наместо руската химна, се свиреше Чајковски! Дали можете да разберете и да си замислите кој пораз и понижување е ова за секој репрезентативец, спортист кој цел живот тренира макотрпно за тој еден настап, да ги брани бои на својата држава? Јас како репрезентативка која цела кариера се борела за да ни пишува Република Македонија, а не ФИРОМ (Ѕеверна), знам.

Да имаше вакви санкции за секоја воена агресија на САД, светот немаше да знае како звучи американската химна! Ако не беа двојните стандарди за санкционирање воена агресија, САД требаше да имаат забрана за учество на било кој спортски натпревар до крајот на постоење на светот!

„Ти, Весно, не мешај спорт и политика, иди ма трчај тамо, не паламуди.“

Ама затоа тие слободно можат да мешаат спорт и политика. Сѐ додека си молчиш, за нив е во ред, ти ќе си стоиш на страна, зашто нели, не се меша спорт и политика, ама тоа само за тебе важи, не важи за нив. Ти треба да молчиш, не и тие!

Секој пат кога на репрезентативен настап ќе се побунев да нѐ пишат Република Македонија, добивав „шамар“ – да не мешаме спорт и политика, тука сме за спорт, тоа да оставиме другите да го решаваат! Кои други? За мене се работи, за мое име, за мое право на самоопределување?! Немешање на спорт и политика, не важи за другите, тие што не им чини да им возвратиш, само кога треба тебе да те замолчат важи правилото!

Не оди така другари! Еве ме, тука сум, МЕШАМ СПОРТ И ПОЛИТИКАТА! Исто како вас!

Мешајте и вие, ако имате што да кажете, нека не ви ја затвораат устата, само зашто така им чини! Во самата суштина на спортот е политиката од своето создавање, од античките Олимписки Игри кога целта била стопирање на сите војни и одмерување на силите на спортски терен, а не со оружје. Што вие денес демонстрирате со оспорување на ова право на одредена група спортисти? Спортистите губат, спортот губи, фановите губат!

ОИ не се исти, не се следат, нема предизвик, згаснува духот со отстранување цела репрезентација. Сведени се на национално првенство на САД и чат-пат некој залутан од друга земја да се замеша повремено на пидесталот помеѓу Американците. Тоа ли е спорт или империјализам, светска доминација? Тоа ли ви го прави спортот поинтересен за следење? Не го прави, нема натпревар на нации, нема надминување, нема прогрес, нема предизвик, само еднонасочна светска доминација не едни те исти.            

Како што вие мене ме советувате, да ве посоветуам и јас истото: Не мешајте спорт и политика, оставете ги спортистите да натпреваруваат, не правете поделби и не ширете омраза. Спортот е поле за натпревар на народите, а не за сеење омраза и поделба!