Дали има чаре за нас во Македонија

  • Пишува Тошо Петров, дипломиран режисер за филм и телевизија и професионален возач на камион.

Пред извесно време во две засебни несреќи изгореа околу 60 луѓе. Шеесет луѓе. Тоа се колку два класа во средно училиште (барем јас кога учев), секојдневно се газат пешаци, некои несреќи излегуваат во јавност, за други нема ни да слушнете. Е сега, претсавете си колкав е бројот на луѓе што гинат од сообраќајки. 

Сообраќајот во нашата држава е хаос. Камо да беше само сообраќајот! 

Овие градби што се градат насекаде околу нас, не само во Скопје, туку во сите градови на државата, имате ли претстава колкав ризик носат за потенцијални катастрофи, било тоа да е земјотрес, пожар, поплава… Градбите сами по себе не би биле опасни ако се градат прописно. Опасноста се тие што штанцаат дозволи, тие што изведуваат, тие што вршат инспекции, увид и т.н. 

Градежништвото кое краде со квадрати е опасно за самите вас! Камо да беше само градежништвото!

Каков е образовниот систем? Сте се запрашале? Кој се добива дипломи, какви се условите за упис на дипломски, пост дипломски? На неколку наврати бевме сведоци на фалсификувани или спорни дипломи на високи државни функционери. Какво образование добиваат младите луѓе, какви навики добиваат? Средното образование кај нас проба неколку модели на учење, секоја година се менуваат учебници, па средношколците се повеќе збунети отколку мотивирани за учење.

Како образованието ги развива децата од школска и пред школска возраст? До кога ќе треба да бараме врски за детето да го примат во градинка? 

Образовниот систем е целосно дисфункционален! Камо да беше само образовниот!

Познато ви е какви луѓе добиваат раководни функции, било тоа да е општинска или централна власт. Функционерите се партизирани, а со самото тоа и корумпирани. Сфатливо е и без да посочам, нели? Во ваква положба, функционерите не работат за општото добро туку за доброто на партијата. А двете „големи“ партии и нивните намери ни се јасни како ден. Се покажаа во овие триесетина години, па сега добро знаеме како функционираат. Од купување пратеници до носење на заразени пратеници во собрание само за да се изгласа законот што нив им одговара. Од независноста па наваму, постои ли некој кој бил министер, а да остане ценет и почитуван во заедницата и после неговата функција? Јас не можам да се сетам на таков. 

Поучени од овие случувања во нашето општество, излезот го гледам во тоа што обичните луѓе, како што јас, како што си ти, ќе се вклучат во решавањето на судбината на ова општество и подобрување на квалитетот на живот во истото. Од „не сум јас за политика” дојдовме до тука. Ако не си ти за во политика, ако не сум јас за во политика, тогаш кој е? Еве видовме кој е за политика! И убаво ви е на сите? Или само на дел им е убаво, а на другите како ќе им даде судбината?  

Камо да беа само натрупаните невидени материјални богатства, овие бездушници го распродадоа, нашето достоинство, па и правото на живот!

Знаете добро за квалитетот на воздухот на ниво на цела држава. Македонија е една од земјите со најзагаден воздух во СВЕТОТ. Знаете добро за квалитетот на водата, во некои делови и квалитетот на почвата. Жителите на Гевгелиските села мораа со жив штит да се бранат од империјалистите кои им дојдоа во дворот за да градат рудници на благородни метали, при тоа да им ја уништат целата плодна почва и вода за пиење. 

Знаете добро за општите права и слободи. Во свет во кој секој има право да си го избере полот, ние немаме право на самоопределување. Не смееме да кажеме дека сме Македонци оти, со тоа ќе ги навредиме нашите соседи. Секоја форма на патриотизам и изразување љубов кон својата татковина и својот народ кај нас се сметаат за територијални пратензии кон соседите. 

Ние, драги сограѓани сме окупирани. Државата, општините и сите институции се окупирани од една рака луѓе, алчни за богатство, бездушни, прости, неуки. Тие се спремни да си ги продадат своите мајки за малку моќ и многу пари. А има една народна мудрост што вика – Евтино е ако се купува со пари – оти има работи што не се купуваат со пари. 

Вакви луѓе ли се за функции? Ова е типичен пример за негативна селекција. Од сто души, еден ако има што е поткуплив, алчен, поган, тие него го ставаат на функцијата. 

Моите најсветли прогнози за општеството вакво какво што е, се дека ќе завршиме со голема инфлација, ќе потонеме во сиромаштија, ќе се иселат уште повеќе луѓе, а тие што ќе останеме би достигнале благосостојба – сиромашни, а весели.

Најцрните прогнози ми се конфликт меѓу заедниците паралелно на немирот од инфлацијата која беше индуцирана! Епа драги мои за да не дојде до вакво нешто, преземете нешто. Ние! Јас, ти и сите што сакаме достоен живот. Кој, како? Секој треба да најде начин за себе, а кога се сака, се може.