Путин: Со или без признавањето на ДНР и ЛНР Западот ќе продолжеше со санкции кон Русија

Ниту една нова санкција не може да ја одврати Русија да ги застапува своите интереси, бидејќи Москва со години има искуство во справувањето со нив, предупреди рускиот претседател Владимир Путин.

Говорејќи на заедничката прес-конференција со белорускиот колега Александар Лукашенко во петокот, рускиот лидер рече дека Москва не може да ги избегне западните санкции бидејќи тие не се насочени кон промена на однесувањето на Кремљ. Според него, тие се всушност план за попречување на економскиот развој на Русија.

„Во секој случај ќе бидат изречени санкции. Дали за нив ќе има причина, на пример денес во врска со настаните во Украина, или нема да има апсолутно никаква причина, тие ќе најдат. Целта е поинаква. Во овој случај, целта е да се забави развојот на Русија и Белорусија.“ – рече Путин.

Рускиот претседател изјави и дека Москва ги смета овие санкции за нелегитимни, нарекувајќи ги неправедно средство на САД и нивните сојузници.

„Ова е грубо кршење на меѓународното право“, рече тој, обвинувајќи ги и САД за селективен пристап до меѓународните норми.

„Тие се грижат за тоа само кога тоа им користи. Тие секогаш сè толкуваат само во своја корист, а ги занемаруваат интересите на другите“, кажа Путин, наведувајќи дека единствениот начин Москва и Минск да го ублажат ефектот од санкциите е да развијат економска соработка и замена на увозот.

Вчера, Владимир Путин изјави дека Москва и натаму е отворена за дипломатско решавање на кризата околу Украина, но за интересите на Русија и за безбедноста на нејзините граѓани нема да преговара.

По расплетот на настаните во источна Украина, од САД споделија дека предложената средба Бајден-Путин веќе не е опција, а државниот секретар Ентони Блинкен ја откажа средбата со рускиот колега Сергеј Лавров, велејќи дека таа веќе нема никаква смисла.